Под мотото „Само две мерења на висината годишно може да го променат животот на вашето дете“, Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања „Раст“ денеска деветти пат се придружи на глобалната иницијатива за одбележување на Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата.

Александар Петровски, претседател на Здружението на граѓани „Раст“, истакна дека оваа година вторпат е обезбеден буџет од страна на ФЗОМ и реализирана е набавка во вредност од 61,8 милион денари и раст од 6 отсто споредено со минатата година. Тој рече дека нарушувањето на растот е еден од честите најрани симптоми и ни открива други заболувања кои стојат во заднина како причина.

– Оваа терапија сега овозможува во просек лекување на 150-160 деца. Ова е голем чекор напред за децата, а сатисфакција на Здружението дека заложбите и макотрпната борба која трае една деценија и конечно финализира со зголемување на буџетот – рече Петровски.

Петровски апелира до родителите да бараат од матичните лекари и педијатри да ја мерат висината двапати годишно и да ја внесат во кривата на раст и при секое отстапување да консултираат задолжително педијатар-ендокринолог. Бесплатно е достапна апликацијата за следење на растот Карта на растот.

Тој информира дека ќе бидат поставени постери на повеќе места кои родителите ќе можат да ги користат и да направат проверка на висината на нивните деца. Посочи дека сакаат да организираат едукација на здравствените работници по градинките и воспитувачите, а ќе иницираат и ревизија на Прирачникот за родители.

– Пандемијата е веќе под контрола, но децата остануваат да живеат со хроничните состојби и болести кои ги имаат и претходно, а дел од нив можеби се и непрепрознаени. Времето и периодот на растот и развојот на децата не може да се врати наназад. Сега сме во сосема различна фаза од претходно – има терапија, но соочени со страв од ковид-19, родителите не ја контролираат висината кај децата и не бараат помош од специјалист ендокринолог. Голем период учениците не работеа со физичко присуство и децата ги пропуштија редовните мерења на висината. Можност имате сега затоа што времето не можете да го вратите назад. Вашите деца сега ја имаат можноста да ја добијат терапијата која е неопходна – рече Петровски.

Аспасија Софијанова, директорка на Универзитетската клиника за детски болести, изјави дека секое одложување на година дена доколку нема хормон за раст, значи заостанување во тој раст и губење на значајни функции во организмот.

Извор: МИА



912

X