Терапевтските приказни негуваат вредности кои се фундаментални и неопходни во однос на целокупниот психички развој на децата, како: емпатија, почит, разбирање, отпорност, т.е. резилиентност (отпорност) како и недиректно водство.

Сепак, кога, како и која приказна да се раскаже? Во читачка атмосфера проткаена со добро избрана метафора, рамка на приказната, илустрација, но и со начинот на раскажување или читање, можеме да ги поттикнеме децата да размислуваат преку имагинација и идентификација до нивна интроспекција, односно набљудување на својот внатрешен живот, самопрепознавање и полесна вербализација на нивните тешкотии со цел да го отворат умот и да бараат нови начини и решенија.

Терапевтските приказни се моќна алатка која овозможува да создадете безбеден простор за трансформација, да оживеете „замрзнати“ чувства или настани кај детето, да надминете и да решите некаков проблем, да стимулирате нова реалност, да се коригира непожелно однесување итн.

Терапевтските приказни се одлична алатка за влијание врз личноста на тинејџерите и едноставен начин да се пренесат важни вредности на адолесцентите со цел да ги согледаат ресурсите што им се нудат во решавање на нивните тешкотии, грижи и проблеми.

Во таквите приказни детето најпрвин добива психолошка поддршка и увидување „И мене ми е вака“, „И јас го чувствувам истото“, „И јас направив или се однесував на овој начин“.

Потоа преку процесот на идентификација со некој од ликовите доаѓа до сопствената интроспекција и увид во сопствените чувства и доживувања. Терапевтската приказна има цел секогаш детето да го води по правиот пат, каде што се размислува флексибилно и здраво со цел ослободување од одредена деструкција. Детето го следи патот преку главниот херој, кој на крајот има цел да го збогати со алатки и начини на решавање на дадената проблем-тема, на пример, надминување на разделбата на родителите, загуби, фобии и стравови, нов член во семејството, пријателства, жртва или агресор во насилство итн.

Читањето е тивка мудрост, стил и начин на живот кој го збогатува детскиот свет давајќи му безброј шанси за подобро утре. Внимателното одбирање приказни за деца е помошна алатка во воспитниот стил на родителот.



912

X