Голем проблем имаат и оние семејства каде што ѝ завршува породилното отсуство на мајката, па таа мора да тргне на работа, а за детето нема место во групите за најмалите

Капацитетот на градинките се зголемува за плус пет дечиња, односно согласно мерките за заштита од ковид-19, може наместо 15 да има 20 деца во група. Ова се последните донесени мерки врз основа на стабилизацијата на епидемиолошката состојба во државата. Но тоа е далеку од доволно за потребите на родителите и на децата.
Борба за слободно место во градинка имаше и кога немавме пандемија, па така во некои градинки листите на чекање се поголеми и до десет пати од бројот на нови слободни места.
Фактот што градинките работат со намален капацитет и со помал број деца во воспитните групи, со цел поголема заштита на здравјето на децата, ги принудува надлежните во овие установи да прават приоритети при уписот на нови деца.

Родителите се прашуваат како ќе се прави изборот при запишување на нови деца.
Дали проширувањето на капацитетот за по пет деца во секоја од возрасните групи во градинките ќе стане лотарија за оние што веќе одамна се на листата за чекање или, пак, ќе се претвори во битка на врски и пријателства за ново место.
Согласно досегашниот протокол, кој важеше од септември минатата година, воспитните групи за деца до двегодишна возраст имаа по максимум 12 деца, а групите за децата од 2 до 10-годишна возраст имаа по максимум 15 деца.

Кој ќе има приоритет?

Дел од родителите со месеци чекаат нивните деца да тргнат во градинка и се принудени да се снаоѓаат околу чувањето, а други, пак, местото го држат со редовно плаќање на 521 денар, сума која им овозможува да не го носат детето во градинка, но да им биде на располагање кога ќе посакаат.
Проблем имаат и оние семејства каде што ѝ завршува породилното отсуство на мајката, таа мора да тргне на работа, а за детето нема место во групите за најмалите.
На групите на социјалните мрежи бараат начин како да дојдат до решение.

– Еве, ќе го зголемат бројот на деца во една група. Но, чие дете ќе има приоритет ако на листата на чекање веќе има 100 деца чии родители работат и ги исполнуваат истите услови. На кого ќе му се даде приоритет во градинките? Како ќе се прави селекцијата при уписите на децата – прашуваат загрижени родители.

Борба за место плус во јасли

Александра Јелиќ-Исаиловска, директорката на градинката „Срничка“ во скопската населба Аеродром, вели дека барања за нови уписи на деца постојано добиваат. Половина од нив се
за децата да почнат во градинка од септември, но посочува дека имаат и такви деца што треба да тргнат за еден месец, односно од јуни.
Најголеми проблеми за упис на нови дете имаат во најмалите групи, односно во јаслите, каде што најтешко се доаѓа до место.

– Гледаме да им излеземе во пресрет на сите родители, но, за жал, под голем притисок се и тие, но и ние како надлежни на овие установи. Тешко се отстапува место во групите на јасли зашто родителите ги носат секојдневно овие деца. Тука имаме проблем. Тоа се родители што тргнале скоро на работа, вратени се од породилно отсуство и немаат други опции за чување на децата. Засега имаме разбирање од голем дел од родителите, но мораме јасно да ги кажеме нашите можности – објаснува таа.

Надлежните во градинките велат дека немаат право да отпишат дете од градинка, но можат да се договорат со родителите што не го носат детето или, пак, ако тоа е во последната возрасна група и од септември тргнува на училиште, да го отстапат местото за дете што навистина треба да биде примено и чии родителите се во работен однос или родителот е самохран.

Гзиме Бакиу, директорка на градинката „Фидани“ во Чаир, вели дека засега добро ја менаџирале состојбата, но овие плус пет места во секоја група ќе овозможат простор да се запишат до 60-70 деца кои веќе се на листите на чекање.

– Среќа имаме пет објекти, но приоритет ќе им дадеме на оние деца чии родители се во работен однос. Имавме мал проблем во групите кај најмалите, во јаслите, но го решивме – посочува директорката Бакиу.

Шахпаска: Родители чуваат место, а не ги испраќаат децата во градинка

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека новата препорака за зголемување на бројот на деца од 15 на 20 во една група ќе овозможи бројот на згрижени деца во градинките значително да се зголеми, а со тоа да им се излезе во пресрет на родителите и на децата.

– Приоритет ќе имаат децата на самохраните родители и децата чии родители се во работен однос и поради природата на работата, не можат да работат од дома, а за тоа ќе приложат соодветна потврда – одговараат од ресорното министерство.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вели дека во целата држава засега има само две заболени деца кои посетувале градинка и 11 вработени. Таа потенцира и дека две третини од воспитувачките и негувателките примиле вакцина.

– Бројките покажуваат дека присуството на децата во градинките се зголемува, и согласно протоколите, од 21.480 слободни места 15.400 дечиња веќе се во градинките. Ова значи дека има шест илјади места што не се пополнети. Сè уште има родители кои чуваат место за своите деца, а не ги испраќаат во градинка – изјави Шахпаска,


Згрижувачко-воспитна дејност во земјава се реализира во вкупно 75 јавни установи за згрижување на деца, односно 319 објекти.



912

X