Во не толку далечни времиња на родителите кои се жалеле на своите темпераментни деца старите луѓе знаеле да им кажат: „Убава баба и мирно дете не постојат“, а потоа дојде новата доба. Денешните баби веќе не личат на некогашните, набрчкани и запоставени баби затоа што се негуваат, вежбаат и водат сметка за облеката. И децата се променија и станаа уште попалави, па сè потешко им е да застанат во едно место, да седат мирни, да се концентрираат. Децата што имаат прекумерна потреба за движење, за што не се свесни, само го прават тоа што нивните тело и мозок им го бараат, а ако не станува збор за хиперкинетичко нарушување и дефицит на внимание, тогаш најчесто зад тоа се кријат други причинители.

Недоволно развиена мускулатура

Доколку мускулите на детето не се доволно развиени, тие не можат да му обезбедат стабилност на телото за долготраен престој во едно место, што, исто така, може да се препознае по подгрбавеноста во седечка положба, освен по потребата за движење. Ним седењето им претставува голем напор, па со непријатноста се борат со врткање на столот или на креветот, со често навалување на една, па на друга страна, со станување и движење. Доколку мислите дека вашето дете го има овој проблем, потрудете се да му обезбедите соодветна физичка активност што ќе му ги зајакне мускулите, така што седењето во едно место веќе нема да му биде толку тешко.

Преголема чувствителност на звуци од опкружувањето

Возрасните, но и мнозинството деца научиле во текот на животот да ги елиминираат безначајните звуци од опкружувањето бидејќи мора да се фокусираат на она што е суштински важно за нив во тој момент, но има деца на кои тоа не им успева. Тие не можат да го „смират“ лаежот на кучето од улицата, разговорот во дневната соба, движењето на лифтот, ѕвонењето на телефонот во соседниот стан, па наместо сето тоа да го игнорираат, се фокусираат токму на неважните стимуланси. Од таа причина, тие имаат потреба да станат и да го истражат опкружувањето.
Опомените и казните не дејствуваат врз овие деца, а концентрацијата и мирното седење треба да ги вежбаат низ активности што ги привлекуваат, без разлика дали станува збор за цртање, сложување сложувалка или нешто трето.

Изразена потреба за физичка активност

Децата што во најрана возраст имале потреба за скокање, трчање, покажување сила и истегнување најчесто стануваат успешни спортисти, но само ако родителите ги насочат кон тоа. Во спротивен случај, овие деца и дома и во градинка, но и подоцна во текот на образованието ќе важат за немирни и невоспитани. Нивните мускули и зглобови непрекинато бараат предизвици и нови задачи, а седењето им го скратува тоа.
Единствено решение за нив е организирана и насочена физичка активност која ќе им помогне да се ослободат од вишокот енергија, па во остатокот од денот ќе можат да се свртат и да се фокусираат на другите седечки обврски.

Ако вашето дете не се вклопува во овие три примери, посоветувајте се со педијатар и со детски психолог затоа што би било корисно до поаѓањето на училиште да се открие и да се реши проблемот со неконтролираното движење.



912

X