Темпер тантрум е еден вид афективно нарушување, а претставува краткотраен и ненадеен излив на гнев и агресија што се манифестира со викање, плачење, паѓање на подот и удирање предмети. Станува збор за екстремна промена на расположението, односно ненадејна промена на инаку нормалното емоционално изразување.
Значење на тантрумот
Иако денес на тантрумот се гледа исклучиво како на вид афективно нарушување или преодна развојна фаза, некои познати личности од психологијата и сродните области веруваат дека станува збор за подлабоки или несвесни врски кај една личност. Имено, Сигмунд Фројд верувал дека тантрумите се појавуваат поради несвесна потреба да се казнуваат другите, а се предизвикани од чувството на вина поради неможноста да се постигне посакуваното дејство.
Хајнц Кохут тврдел дека тантрумите се всушност еден вид нарцисоиден бес кој е предизвикан од спречување на потребата на детето за грандиозност. Според него, децата имаат преценета слика за себе, а кога нивните желби се отфрлаат, се појавува гнев затоа што се напаѓа нивното чувство за семоќ.
Мислењата на други автори се поврзуваат и со љубомора поради раѓањето на брат или сестра. Имено, децата кои со години се во центарот на вниманието може да имаат проблеми со доаѓањето на новиот член во семејството бидејќи го губат целото внимание на родителите.
Иако некои од овие мислења можат да се поврзат со основата на појавата на тантрумот, факт е дека секое дете има тантрум поради различни причини, имајќи предвид дека секое дете има комбинација од различни генетски предиспозиции и околности во кои се наоѓа.
Причини за тантрумите
Тантрумите се припишуваат повеќе на биолошки отколку на причини поради околината. Со други зборови, не мора да мислите дека сте лош родител ако вашето дете има тантрум. Имено, сепак постои одредена генетска предиспозиција за појава на вакви нарушувања.
Некои научници открија дека луѓето со невролошки нарушувања (на пример, аутизам, АДХД или интелектуална попреченост) се поподложни на тантруми од другите. Сепак, тоа не значи дека кога станува збор за тантрум, аутизмот ќе биде сигурна дијагноза.

Симптоми
Тантрумот е еден вид емоционална експлозија, а најчесто се поврзува со деца или со оние што имаат емоционални проблеми. Може да се препознае по:
- врескање
- плачење
- пркосење
- гнев
- тврдоглавост
- удирање
- отпор кон обидот да се смири
- немање самоконтрола.
Значењето на проблемот со овој вид нарушување е токму тоа што личноста не може да се смири дури и кога нејзината цел е задоволена. Во такви ситуации, тантрумот може да трае неколку часа, а може да се повторува неколку пати на ден со пократки паузи.
Тантрумите претставуваат најчест облик на проблематично однесување кај малите деца. За жал, понекогаш е тешко да се борите против тантрумот, особено затоа што децата не разбираат што зборувате во тој експлозивен излив на емоции. Понекогаш тантрумот кај децата може да укажува на асоцијално однесување, а понекогаш тоа е само прекумерна фрустрација која ќе помине по неколку минути.
За среќа, тантрумите се намалуваат со растењето на детето.
Како да го ублажите тантрумот?
Можете некако да го ублажите и смирите тантрумот, но треба да внимавате на следново:
- Иако изгледа тешко, мора да останете целосно смирени и да го контролирате своето однесување за детето да види дека неговите испади нема да привлечат внимание на начинот на кој тоа сака;
- Обидете се да следите какви ситуации предизвикуваат тантруми кај детето и што точно му претходи за да знаете како навреме да реагирате и да бидете подготвени за ситуацијата.
- Ако детето има тантрум на јавно место пред луѓе, добро би било брзо да реагирате и да се засолните на место каде што ќе бидете сами, бидејќи детето подобро ќе разбере што му зборувате кога нема никој околу него.
- Бидете одлучни во оние ситуации кога е неопходно да се каже „не“ и да се заврши разговорот без приговор.
- Не купувајте му работи на детето за да го спречите бесот бидејќи така ќе го научите дека може да добие работи со врескање, удирање и плачење.
- Проценетe ја сериозноста на ситуацијата, односно ако детето е фрустирано затоа што сака да облече кошула со друга боја – не вреди да ги трошите нервите на такви ситници.
- Имајте на ум дека децата се деца и нема да ги разберат вашите објаснувања за некое однесување, па ќе им биде потребна прегратка, бакнеж или одвраќање на нешто друго.
- Не игнорирајте го тантрумот бидејќи тогаш децата нема да сфатат дека прават нешто погрешно, но дајте им до знаење дека разбирате што сакаат, дека не можат да го постигнат тоа веднаш и дека вашата одлука е конечна.
Дијагноза и третман
Дијагнозата на тантрумот може многу лесно да се постави врз основа на симптоми кои воопшто не се вообичаени за одредена ситуација. Исто така, кога станува збор за тантрумот, третманот е целосно приспособен на поединецот откако ќе се открие вистинската причина за ова однесување.
Секако, доколку тантрумот е минлива развојна фаза кај децата, нема да се третира посебно, но доколку е последица на невролошко оштетување, прво треба да се разбере за која примарна болест станува збор, а потоа да се направи посебен третман.
Многу видови афективно нарушување можат успешно да се контролираат со психостабилизатори, т.е. лекови кои го регулираат и стабилизираат расположението на пациентот.
Автор: Марија Граниќ, психолог