Воспитување

Татковците сакаат рамноправно родителство

Посветените татковци создаваат нови придобивки за децата. Ги учат своите ќерки дека не се помалку вредни од синовите, а синовите дека нечистите чинии и алишта не се само женска работа

Нашите деца растат во свет кој многу се разликува од оној во кој ние растевме. Светот им е исполнет со модерна технологија. Но, постои една голема разлика во тоа како децата денес го доживуваат светот, а тоа се татковците.

Современите татковци сериозно го сфаќаат родителството

Истражувањата покажуваат дека денешните татковци повеќе од кога било се вклучени во растењето на децата и тоа го менува начинот на кој децата го доживуваат светот, а и себеси. Денешните татковци се одлични, а општеството им дозволи да бидат татковци какви што сакаат. Современите татковци сериозно го сфаќаат родителството, со своите деца поминуваат трипати повеќе време отколку татковците од претходните две генерации, и многу повеќе работат во текот на тој период. Истражувања од пред две децении потврдуваат дека 43 отсто од татковците никогаш не менувале пелени. Денес тој број е намален на 3 отсто, што е исклучително важно зашто се покажа дека кога таткото менува пелени, го облекува и го бања своето бебе, нивната врска станува посилна.
Истражувањата покажуваат дека младите татковци сакаат рамномерна распределба на обврските во семејството. Меѓутоа, многумина од нив признаваат дека во нивните домови ситуацијата не е таква, мајките сè уште извршуваат поголем дел од домашните задачи. Посветените татковци создаваат нови придобивки за децата. Ги учат своите ќерки дека не се помалку вредни од синовите, а синовите дека валканите чинии и облека не се само женска работа. Овој тренд не само што е добар за децата, туку и за браковите.
Истражувачите откриле дека кога жената извршува повеќе од 60 отсто од обврските во домот, односот меѓу жената и мажот пати. Но, кога татковците ќе го преземат својот дел од работата, паровите имаат појака врска. Едноставните работи, како миење садови, ја зајакнуваат врската.

И татковците чувствуваат вина

Без оглед колку напреднало општеството, татковците често чувствуваат вина зашто во повеќето домаќинства мајките сè уште работат повеќе. Зависи и од тоа како партнерите ја перципираат својата работа. Џил Витни, семеен и брачен терапевт, за порталот Motherly објаснува дека денешните татковци, споредувајќи се со своите татковци, мислат дека се многу вклучени во сите работи, но нивните партнерки не мислат така. Исто така, истражувањата покажуваат дека татковците сакаат да поминуваат повеќе време со своите деца, но често се спречени поради работните обврски.

На татковците им треба поддршка

Според Кевин Шафер, професор по социологија на американскиот Универзитет „Бригам Јанг“, татковците постојано повторуваат дека сакаат да бидат повеќе вклучени како родители, но државната политика и институциите често им оневозможуваат да бидат такви како што сакаат – на штeта и на мајките и на децата. Шафер објаснува дека е потребна промена во целата работна култура. Неговото истражување покажува дека татковците се подобри родители ако работат во средина која го поттикнува вклучувањето во семејството.
– Сакаат да постигнат успех на работа, а истовремено сакаат да поминуваат време со своите деца. Тоа се татковци на кои им се приоритет интересите на нивните деца, но исто така тие се чувствителни на барањата на  фирмите каде што работат – вели Шафер.
– Јасно е дека фирмите мора да се менуваат за да ги поддржат сите родители.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top