Воспитување

Татковците различно се однесуваат кон ќерките. Научниците истражуваа дали постои посебна врска

Сите сме слушнале за изразот „татина ќерка“, со кој често се нагласува посебната врска помеѓу татковците и ќерките. Дали има вистина во тоа? Дали татковците се однесуваат поинаку кон своите мали принцези или тоа е само мит?

Ново истражување покажува дека татковците поинаку се однесуваат кон ќерките отколку кон синовите и дека таквото однесување има долготрајно влијание. Истражувањето е објавено во „Behavioral Neuroscience“, а проучувало како мозокот на татковците реагирал на двата пола и дали свесно или несвесно се однесуваат поинаку кон ќерките?

Татковците се повнимателни кон ќерките

Во истражувањето учествувале 52 мажи што имале деца на претшколска возраст (30 девојчиња и 22 момчиња) во областа на Атланта. Татковците биле повнимателни кон ќерките, па повеќе им пееле и користеле аналитички говор кога разговарале за емоциите и телото. Со момчињата играле погруби игри отколку со девојчињата.

Со татковците направиле уште еден експеримент, им го снимале мозокот додека гледале фотографии од непознати луѓе и деца, но и сопствените деца со среќен, неутрален и тажен израз на лицето. Татковците што имале ќерки повеќе реагирале на своите ќерки со среќен израз на лицето во оние делови на мозокот што се важни за емоции и награди. Со други зборови, татковците стануваат многу сентиментални кога ќе го видат среќното лице на својата ќерка, што и не е толку изненадувачко.
Делот од истражувањето што најмногу ги изненадил научниците е поврзан со татковците што имале синови. Тие посилно реагирале на неутралниот израз на лицето на своите синови отколку татковците на девојчињата, што покажува дека татковците можеби повеќе ја преферираат емоционална двосмисленост и стоицизмот на своите синови – без разлика дали сакаат да го признаат тоа или не.
Реакцијата на мозокот на тажниот израз на лицето на детето била иста кај сите татковци, независно дали имаат момче или девојче, родителското срце исто реагира на тажно дете.

Долгорочни последици врз децата

„Ако детето плаче или го бара таткото, мажите што имаат девојче повеќе ќе реагираат отколку оние што имаат син“, вели авторот на истражувањето, д-р Џенифер Маскаро од Универзитетот „Емору“ од Атланта.
Маскаро советува родителите да сфатат како несвесно реагираат на полот на детето и како тоа влијае врз нивните односи со детето на рана возраст. Разликите во однесувањето може да имаат долгорочни последици врз синовите и ќерките.
Така, татковците помалку ќе зборуваат со синовите или помалку ќе обрнуваат внимание на нивните емотивни потреби и можеби потсвесно и помалку ќе ги покажуваат емоциите пред нив, а таквото однесување може да влијае врз нивниот емотивен развој и може да има трајни последици.
„Повеќето татковци се обидуваат да дадат најмногу што можат и да направат сѐ што можат за нивните деца да успеат, но важно е да разберат дека нивната интеракција со децата може да зависи од полот“, објаснува Маскаро.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top