Партнерското родителство, односно важноста од помошта на таткото кон мајката и бебето од првиот негов ден од животот произлегува од низа позитивни примери, каде што татковиот ангажман отвора нови потенцијали за развој на бебето и односот помеѓу сите членови на семејството. Семејството се проширува со раѓањето на бебето, а од тој ден започнува „работното место татко“. Татковата фигура е незаменлива во растењето на детето.
Татковството во неколку чекори: бебето има и ваши гени, вие сте составен дел од историјата на бебето. Вие сте ѝ многу важен и на партнерката, кога сте со бебето од почетокот, полесно ѝ е на партнерката да го дои бебето, а и се намалуваат ризиците од постпородилна депресија. Ги прескокнувате пречките на раното родителство, заедно држејќи се за рака. Децата што имаат добар однос со својот татко имаат поразвиени социјални карактеристики и постигнуваат подобри резултати на училиште. Блискоста на таткото и бебето е важна за менталното здравје на детето. Бидете добар татко и кога ќе дојде време, и детето ќе биде добар родител.
Сето ова и многу повеќе е докажано со многубројни студии.
Родителите се прозорец кон светот за нивните деца. Преку нив детето ги запознава другите луѓе, културите, односите и го стекнува потребното знаење. Додека мајката внесува стабилност во животот на бебето, таткото создава чувство за работа и овозможува безбеден контакт со околината.
КРАТОК ВОДИЧ ЗА МЛАДИ ТАТКОВЦИ
Време – Најдобар начин да се ослободите од „стравовите“ поврзани со вашето бебе е да поминувате што повеќе време со него. Секако, на овој начин ќе воспоставите најдобар контакт со бебето, позитивно ќе влијаете не само врз неговиот емотивен, туку и врз целокупниот развој.
Емоции – бебето ќе ја препознае вашата емоционална состојба и ќе му биде „пренесена“. Затоа, обидете се да го контролирате начинот на кој зборувате со бебето, обидете се да се смеете што повеќе, разговарајте со него и пејте му, и иако мислите дека не сте музички талентирани, тоа за бебињата сепак ќе биде најубавата песна.
Обврски – никогаш не заборавајте дека присуството на двајцата родители е многу важно за развојот на вашето бебе. Не треба да се „криете“ зад голем број деловни обврски и на тој начин да ги пропуштите најслатките обврски кон вашето бебе, а со тоа да се лишите од големото задоволство.
Таткото пред да се роди бебето – дознајте за бременоста и породувањето колку што можете повеќе за да знаете низ што поминува вашата партнерка и за да ѝ правите друштво кога ќе оди на преглед. Таа сигурно ќе биде среќна поради вашето новостекнато знаење. Со заедничкото стекнување знаење ѝ влевате доверба, ќе бидете нејзина потпора и поддршка во претстојните предизвици. Ваша задача е да ја направите весела и среќна. Дури и вашиот мирен глас ќе влијае врз нејзиното позитивно расположение. Ова ќе ѝ помогне да ги избрка вознемирувачките мисли и грижи.
Таткото и доењето – Вообичаено е мислењето дека доењето е исклучиво дел од мајчиниот свет, но за да биде успешно доењето, улогата на таткото е многу важна. Дознавајте информации за доењето додека бебето е сè уште во утробата. Овозможете им на мајката и на бебето удобно, тивко место за доење. Подајте ѝ чаша вода на мајката по доењето и подигнете го бебето да подригне. Галете го, прегрнете го, нишајте го вашето бебе и разговарајте со него.
Ако мајката не е со детето или е многу исцрпена, таткото може да го храни бебето со млекото на мајката. На тој начин бебето ќе биде сито, а мајката ќе може да се одмори. Татковци, слушајте ги потребите на мајката додека дои, бидете топли, нежни, трпеливи. Охрабрувајте ја партнерката во емотивните моменти. Бидете во потрага по решенија. Покажете со вашите дела дека се грижите. Споделете и среќни и кризни ситуации заедно.
Драги татковци, дури и ако поголемиот дел од денот го поминувате на работа и не присуствувате на секое доење, бидете таму барем еднаш дневно затоа што вие сте најголемата поддршка за мајката, како во доењето и грижата за бебето така и во одгледувањето на семејството. Секоја емоција, топол збор, нежен момент со вашето бебе, создава цврста основа за побезбедна и посреќна иднина за целото семејство.
Татко, твојата насмевка е насмевка и за мајката, а тоа е највредното нешто за вашето бебе.

СОВЕТ ЗА СИТЕ ИДНИ ТАТКОВЦИ
„Не плашете се од вашето неискуство во однос на новороденчето. Вашето бебе сака татко таков каков што сте. Во вашето родителство, кое трае 24 часа на ден, еден час излезете од улогата на родител и бидете ѝ момче на партнерката, пријател, сопруг, љубовник… бидете ѝ поддржувач бидејќи така постапувате најдобро за вашето дете“, вели Снежана Малешев, супервизор на сервисот „Бабица и бебица“.
Автор: Весна Станимировиќ