Некој еднаш рекол: „Најдоброто што човек може да го направи за своите деца е да ја сака нивната мајка“.

И јас се согласувам со тоа од првиот до последниот збор. Вистина е. Татко може да биде секој. Тато, не. Тато е нешто друго. Тато е приказна пред спиење, тато е другарски компромис, тато е да те учи да возиш велосипед, секоја година, секое лето, неуморно по десетпати да ти објаснува што е кањон додека поминувате покрај него, да ги реди коцките од почеток, секогаш, додека ти неуморно ги уриваш. Да те мачка кога ќе добиеш сипаници, да те учи да пливаш, да ти се „заканува“ дека повеќе нема да ги мести помошните тркала од велосипедот, туку да се сконцентрираш и да научиш!

Тато е поддршка, тато е да глуми дека е строг, но во себе да се топи. Тато е тој што ѝ купува цвеќе на мама, ѝ помага во сè, се смее со неа и ја теши. Тато е да дозволи да му ги лакираш ноктите, да му правиш кафе, да си играте мајка и бебе, но тој да биде бебето, а ти мајката. Неуморно да го прашуваш во целото свое детство, а и подоцна.

Таткото е присутен, а тато е тука. Таткото е горд. Тато е среќен. За еден татко другите кажуваат дека е добар татко, но за тато да е добар тато, тоа можат да го кажат само неговите деца. Идни татовци, не можете да замислите колку е убаво кога на некој сте му ТАТО, колку целиот ваш свет ќе стане тој еден збор, и колку малку е потребно за да бидете бескрајно среќни.

Некој рекол: „Туѓиот татко може да биде повисок, посилен, попаметен или побогат“. Тато е најголемиот и најсилен човек што го познаваш. Тато не го споредуваш со другите татковци, бесмислено е, не можеш да имаш подобар тато. Како што и тој не сака да има подобро дете од тебе, ако е тато.

Бидете им поддршка на сопругите. Бидете поддршка и столб на семејството. Бидете. Само бидете, и сè ќе биде баш онака како што треба да биде. Децата умеат сто пати да вратат. Знаеш, тато.



912

X