Игротека

Каков татко!

Во тролејбусот влезе татко со две девојчиња, едно од четири, друго од шест години. Станав за помладите да седнат и застанав покрај нив, доволно блиску за да слушнам како таткото разговара со двете, облечени во луди фустанчиња со глави од мечиња.

Постарата го праша татко си дали вечерта му доаѓаат другарите, бидејќи почнува Европското првенство во фудбал, а помладата праша дали ќе пие сок или пиво, по што постарата додаде дека нема да ѝ каже на мајка им ако останат подолго. Ја интересираше кој игра вечерта, а кога татко ѝ ѝ кажа дека играат Романија и Франција, девојчето малку се замисли. Ја праша помалата сестра дали знае кој е главен град на Франција, а кој на Романија. Малечката го гледаше татко си, чекаше да ѝ помогне, но тој се правеше дека нема поим за постара сестра да погоди.

Продолживме со возењето, а тие цело време се кикотеа и зборуваа, играа некаква своја интерна игра. Го набљудував повеќе таткото отколку девојчињата. Тие стануваа, седнуваа, се задеваа, тоа е јасно, мали се и живи, но таткото ми беше интересен. Помислив, тоа е вечно момче, навистина уживаше во играта со децата, во миг ги смислуваше правилата на новите игри.

Ги знаете оние луѓе што во јавниот транспорт само седат и дури кога се прашуваат меѓусебно дали треба да слезат тука сфаќате дека се во некаков однос? Можеби тие луѓе се изморени, но приврзаноста ја гледаш во главата на нечие рамо, дланката во раката на другиот.

Помислив дека тоа е еден прекрасен татко, оној што колку и да е изморен, кога ќе дојде дома и ќе легне на подот со децата, прави кули од коцки, глуми дека е мечок или што и да замислат децата.

Се вели дека никој, па дури ни родителите немаат трпение. Седи и молчи, не додевај ми, не знаеш колку грижи имам!

Ме воодушеви тоа што овој татко беше поголемо дете од нив две, изгледаше како некој кој не само што има трпение, туку нетрпеливо чека момент за да биде трпелив со своите деца. Излегоа од тролејбусот смеејќи се, тројцата заедно.

Радост!

Автор: Ана Вучковиќ

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top