„Откако напишав книга за застранување и разврат на Вол стрит, која вклучува и анегдоти за познатата мизогинија и објективација на жената на работното место, постојано, со доста иронија, ме прашуваат: Што ќе ѝ кажеш на својата ќерка?“, пишува Џон Ле Февре, автор на книгата „Право во пеколот“. Тој е поранешен инвестициски банкар и директор на синдикатот за обврзници при „Саломон Брадрс енд Ситигруп“.

„Па, сега кога имам ќерка, еве ги моите совети“, додава Ле Февре:

1. Стој исправено.

2. Научи да менуваш гума, но кога е можно, дозволи му на маж да го направи тоа за тебе.

3. Физичкиот изглед е важен. Таков е светот во кој живееме и така сме поврзани.

4. Внатрешната убавина, интелигенцијата, личноста, самодовербата и смислата за хумор стануваат поважни како што старееме. Остриот ум никогаш не тоне.

5. Знај дека си поубава отколку што некогаш ќе си го признаеш тоа сама на себе.

6. Моја задача е да те чувам. Затоа моја задача е и да те научам да користиш оружје.

7. Води сметка за својата кожа.

8. Не грижи се за исхраната. Јади здраво, вежбај, пиј умерено и сѐ ќе биде добро.

9. Полот не е општествена конструкција. Прифати ги разликите помеѓу мажите и жените.

10. Читај повеќе. Тоа ќе ти овозможи да го позајмиш туѓиот ум.

11. Разумно е да се претпостави дека речиси секое момче што ќе го запознаеш ќе сака да спие со тебе.

12. Кој и да ти каже дека е во ред да се биде дебел, те лаже.

13. Остави го него речиси секогаш да ја плати вечерата.

14. Само затоа што можеш да го облечеш тој тесен фустан, не значи дека и треба да го облечеш.

15. Не спиј наоколу.

16. Занимавај се со спорт. Веројатно ќе трчаш, фрлаш и ќе се бориш како девојче, а тоа е величествено.

17. Парите се важни. Нема да те направат среќна, но ќе решат многу проблеми кои може да те направат несреќна.

18. Веројатно ќе зажалиш што си се тетовирала.

19. Ако си благословена со подарокот на создавање и обликување живот, прифати го тоа. Веројатно ќе сфатиш дека тоа ќе те исполни повеќе отколку кариерата, но и понатаму можеш да ги имаш и двете.

20. Имаш моќ над момчињата. Дозволи им да се грижат за тебе и да те почитуваат.

21. Игнорирај ги свиркањата и навредите, обично тоа доаѓа од евтините седишта.

22. Не обидувај се да се забавуваш како момчињата. Твоето тело не го обработува алкохолот со иста брзина и така може да се случат лоши работи.

23. Успех е да го работиш она што сакаш и како што треба. Но…(види ја точка 17).

24. Само затоа што твојот брат може со пријателите да оди на пролетни празници, тоа не значи дека и ти можеш (види ги точките 6, 9, 11 и 22).

25. Конечно, сети се дека правилата постојат за послушноста на будалите и водењето на силните, паметни жени.



912

X