Иако многу луѓе не сфаќаат, по раѓањето на детето и мажите и жените можат да доживеат симптоми на постпородилна депресија.

Том Барнс одлучи да проговори за состојбата со која се борел со месеци.

– Беше ужасно, а она што го влоши целото искуство беше тоа што ми беше непријатно да зборувам за состојбата – напиша тој во својата колумна за веб-страницата „Јор танго“.

Барнс отсекогаш мислел дека како маж, не може да ги сфати физичките и емоционалните последици од бременоста и дека неговата улога е да седи, да ја поддржува партнерката и да молчи.

– Мислев дека таа стратегија функционира, но не бев подготвен за тоа колку молчењето ќе влијае врз мене по породувањето на сопругата. Одеднаш се фаќав како плачам, а не знаев зошто – вели тој.

Кога сопругата и ќерката дошле дома од болница, го фатило паника, но не зборувал за тоа бидејќи мислел дека во центарот на вниманието треба да биде неговата сопруга, која се породила со царски рез.

– Ја сошија и ѝ дадоа бебе. Од неа се очекуваше да знае како да го дои и да се грижи за него. Тоа е премногу за секого. Без сомнение, на мојата сопруга ѝ беше полошо, но тоа не значи дека не ми беше тешко и мене. Се срамев да кажам дека ми е потребна помош – вели тој.

Постпородилната депресија може да биде болно реална и за мажите. Барнс го сфатил тоа првиот пат кога поминал една вечер сам со бебето. Ја убедувал сопругата да излезе со пријателките на неколку часа.

– Мислев дека ќе биде добро да останеме сами со ќерка ми. Мојата сопруга замина, а ќерка ми почна да плаче. Ретко плачеше, но таа вечер не можев да ја смирам три часа. Бев избезумен. Не сакав да ѝ се јавам на жена ми, сакав да се забавува и сметав дека мора да се справам со ќерка ми. Кога таа ми се јави, ја почувствува паниката во мојот глас и ме праша дали е сѐ во ред. Штом влезе дома, бебето престана да плаче и почна да се смее. Без да кажам збор, го предадов на сопругата – се присетува тој.

Потоа Барнс отишол во спалната, се заклучил, легнал и плачел 30 минути. Кога излегол од собата, првпат разговарал со сопругата за постпородилната депресија.

– Моите симптоми беа многу поподносливи во споредба со некои приказни што ги слушнав. Со текот на времето се чувствував поудобно во улогата на татко. За среќа, мојата партнерка ми беше силна поддршка. Денес знам колку е важно мажите да зборуваат за постпородилната депресија. Таа не им се случува само на жените. Во ред е да признаете дека не се чувствувате добро, дури и кога знаете дека на вашиот партнер му е полошо. Не плашете се да зборувате за анксиозноста и емоциите по раѓањето на бебето. Најздравото нешто што можете да го направите за секого е да зборувате за вашите чувства и да дозволите луѓето околу вас да ви помогнат, дури и ако менуваат пелени додека го прават тоа – вели тој.

Извор



912

X