Со помош на заеднички интереси, ситни ритуали и соодветна комуникација, воспоставете квалитетен и трајно добар однос со својата ќерка.

Какви родители ќе станеме, во голема мера зависи од начинот на кој сме биле воспитувани бидејќи и татковците и мајките најчесто го копираат моделот на воспитување на своите родители. Други фактори се: подготвеност за улогата на родител, опкружувањето во кое живееме, почнувајќи од економскиот стандард, преку културните норми, па до ставот кон родителството на нашата најблиска околина. Сепак, познато е дека постои значајна разлика во воспитниот стил на родителите во однос на полот на детето.

Татино девојче

Иако положбата на жената во општеството значително е променета во последните неколку децении, а со тоа и односот на татковците кон своите ќерки, анонимни анкети и истражувања покажуваат дека во повеќето општества и натаму кај мажите е присутна желбата да добијат синови. Сепак, кога наместо син ќе добијат ќерка, тие стануваат најнежни и најгрижливи татковци.
Иако девојчињата, особено на претшколска возраст, пленат со својата милост, воспитувањето на децата во тој период е сведено на исполнување на нивните потреби, почетен развој на хигиенски навики и развој на комуникација. Современите татковци рамноправно ги споделуваат работите околу бебето и се чувствуваат еднакво сигурни во таа улога како и мајките. Затоа, однесувањето на мајките и на татковците кон ќерките не се разликува многу на оваа возраст.

Комуникацијата меѓу таткото и ќерката на возраст од 3 до 5 години

Разговорите меѓу таткото и ќерката на оваа возраст се слични со разговорите меѓу мајката и ќерката и се сведуваат на опишување случки и воспоставување доверба за понатаму.
Токму во овој период опкружувањето почнува да ја негува емотивноста кај девојчињата, прашувајќи ги, на пример: „Како си помина во градинка?“ за разлика од момчињата на кои им се поставува прашањето: „Што правевте денес во градинка?“ Кон девојчињата притрчуваме кога ќе паднат, а од момчињата очекуваме самите да станат. Благодарение на ова, девојчињата поотворено го покажуваат своето љубопитство. Тоа не значи дека момчињата се помалку љубопитни, туку дека девојчињата појасно ја манифестираат таа особина.

Во овој период татковците многу често го упатуваат девојчето одговорот да го побара од мајката наместо отворено да признаат дека не го знаат одговорот на прашањето. Затоа се препорачува татковците да почнат да ја негуваат емотивноста на своите ќерки, па дури и ако е потребно, тоа да го прават низ негување на сопствената емотивност. Што значи тоа? Можеби вам, како татко, не ви се блиски темите што длабоко навлегуваат во емоциите. Но, ако тоа ѝ е важно на вашата ќерка, обидете се да бидете добар соговорник. На секоја возраст, за секој пол – и за детето и за родителите важи правилото: она што му е важно на детето треба да му биде важно и на родителот.

Комуникацијата меѓу таткото и ќерката на возраст од 5 до 7 години

Во годините пред да почнат да одат на училиште кај девојчињата постепено почнуваат да се развиваат интереси карактеристични за нивниот пол – приказни за принцези, бајки, цртање…
Ќе се појават и првите навестувања на идните вистински интереси за облека наменета исклучително за девојчиња, шнолички, детски накит, фустанчиња. Ова е период кога татковците полека се повлекуваат, а својата улога сè повеќе ја доживуваат како заштитничка.
Иако е разбирливо ваквото чувство на татковците, наместо повлекување и препуштање на „главниот збор“ на мајките, би можеле да осмислат полиња на заеднички интерес и ситни ритуали со кои би одржувале квалитетен и трајно добар однос со своите ќерки.

Комуникацијата меѓу таткото и ќерката на возраст од 7 до 10 години

Мајките им се незаменливи соговорници на ќерките на тема за првите симпатии или социјални врснички односи. Девојчињата како инстинктивно да чувствуваат дека тоа за татковците е „непозната територија“, па со мајките полесно развиваат блискост и доверба. Така, токму мајките почесто ќе одат на родителски средби, ќе бидат дежурно „рамо за плачење“ или личност за чување тајни. Тоа е однос кој се гради секојдневно, полн со ситни работи и мали ритуали.
За разлика од тој однос, девојчето ќе му се обрати на таткото кога на ред ќе дојдат конкретни или крупни (според нејзино субјективно сфаќање) случувања, дилеми, искушенија. Таткото ќе помага околу учењето, но и битно ќе влијае врз формирањето вредносни ставови во иднина. Имено, девојчињата полесно ги прифаќаат моралните вредности што доаѓаат од татковците бидејќи тие за нив претставуваат авторитет, „законитост“ која се прифаќа беспоговорно. Поврзувањето може да продолжи со заеднички доживувања и искуства, но и со комуникација.

Комуникацијата меѓу таткото и ќерката во пубертетот

Во пубертетот девојчето ќе трпи поголеми забрани отколку момчето на иста возраст. Родителите од лично искуство знаат кои искушенија, можни опасности и ризици ги очекуваат девојчињата, а кои – момчињата. Дури и деца што дотогаш биле воспитувани целосно рамноправно, во време на пубертетот ќе се соочат со многу, често и несвесни родителски ограничувања и забрани. Овие забрани главно потекнуваат од таткото и можат да доведат до нарушување на нивниот добар однос, доколку не бидат добро објаснети и аргументирани од страна на таткото.

Важноста на односот татко-ќерка во иднина

Постои народна изрека – никогаш немој да се ожениш со жена што не го сакала својот татко. Оваа изрека се заснова на уверението дека доколку односот меѓу таткото и ќерката бил нарушен во нејзиното рано детство, таа како возрасна жена нема да успее да оствари квалитетен емотивен однос со кој било друг маж.

Психолозите напоменуваат дека посебноста на односот меѓу татковците и ќерките лежи во фактот дека колку се постари ќерките, толку повеќе татковците во нив ги гледаат своите мајки, сестри и други драги женски лица од својот живот, па во тоа треба да се бара причината за заштитничката улога и посебната емотивна врска за ќерката. Од друга страна, влијанието на женските деца врз семејните односи е многу разновидно и често навлегува во полиња за кои не сме размислувале. Така, на пример, одредени истражувања покажуваат дека семејствата каде што има повеќе женски деца битно се наклонети кон левичарски политички ставови, а семејствата со повеќе машки деца главно се наклонети кон десничарите. Објаснувањето е едноставно: татковци што воспитуваат ќерки – сè повеќе ја поддржуваат женската рамноправност и еманципација, што ги прави потолерантни на многу полиња.

Јелена Холцер, педагог

 



912

X