Пред неколку години мојот сопруг доби фејсбук-порака од човек што никогаш не го сретнал. Наскоро дознавме дека со него сме присуствувале на исто место. Ниту еден од нас не зборувал со овој човек.

– Здраво, само сакав да видам дали ти е потребна помош да разговараш со сопругата за нејзините здравствени цели. Јас сум тренер за исхрана и вежбање и би сакал да ви помогнам да го отворите овој разговор и да ја поттикнеме твојата сопруга да се движи и да јаде на начин на кој ќе го збогати нејзиниот живот, а и твојот – беше пораката.

Овој „тренер“ всушност беше претставник на компанија што нуди програми за слабеење и кои ги продава за стотици долари секој месец.

Колку и да сакав, не му дадовме одговор каков што заслужи, но јас сè уште сум вознемирена од пораката. Само што почна транзицијата од самоомраза и постојаните обиди за слабеење кон самоприфаќање и разбирање на моето тело.

Му реков на сопругот да ја избрише пораката.

Неговата порака ме збуни и ме разлути. Секогаш изгледав најдобро кога излегував во јавност. Стилска облека. Средена коса. Овој човек само си претпостави, и покрај сите мои напори, дека на мојот сопруг му е одвратен мојот изглед, па му е потребна асистенција за да ми помогне да изгубам тежина.

Ве уверувам, овој човек воопшто не беше загрижен за моето здравје и благосостојба. А мојот изглед не му пречи на мојот сопруг. Ме избра токму ваква.

Ова е нешто со кое дебелите луѓе се соочуваат секој ден. Пораки од странци за промена на нашето тело преку губење на тежината. Луѓето едноставно претпоставуваат дека сме потенцијални клиенти бидејќи, кој би сакал да изгледа вака?

Со ова се соочуваат и новите мајки. Додека новите мајки се обидуваат да се истушираат и малку да отспијат, некои луѓе водат ваков „велнес-бизнис“ што ги таргетира мајките и им нуди „помош“ за губење килограми или криење на стриите.

Ако не мислите дека ова е сурова и срамна работа, дозволете да ве поправам.

Апсолутно е.

Станува збор за сурова, предаторска маркетинг-техника и луѓето што го прават тоа треба да престанат. Пишувањето на „Фејсбук“ со несакани понуди за да ѝ се помогне на некоја личност да го промени изгледот на нејзиното тело е сајбер-булинг. Насочени сте кон некој во ранлива позиција и ја искористувате неговата несигурност за лична корист.

Тоа не е во ред.

Ако мислите дека ова не е голем проблем, погледнете го овој инстаграм-пост кој е буквално полн со примери. Прочитајте го секој збор.

Цел се мајките кои штотуку се породиле. Поранешните „тренери“ признаваат дека компаниите ги охрабруваат овие глупости. Претставници што фотографираат непознати луѓе и ги користат во нивниот маркетинг-план. Предизвици за слабеење каде што претставници покануваат странци, засновани врз ништо друго освен врз начинот на кој изгледаат на фотографиите. Им ветуваат на мајките дека ќе се вратат во форма, инсинуирајќи дека нивните тела по бременоста не се веќе во иста форма како пред да забременат.

Целиот пост е полн со навредливо однесување и ги нервира луѓето кои сакаат да живеат без да бидат малтретирани на секои 5 минути.

Сериозно, може да живееме?

Пред неколку недели еден познајник ми ја испрати дванаесеттата порака во последните две години. Никогаш, никогаш не сум побарала помош од него. Не требаше да бидам изненадена, затоа што тој чека големи емотивни животни настани за да ми понуди „посебно губење на тежината“. Шокантно неоригинално.

Има смисла тоа што не може да одолее сега кога треба да имам бебе. Според неговата процена, тоа значи дека наскоро ќе можам да го злоупотребувам моето тело со нерегулирани додатоци и сериозно ограничување на калориите, како што бара неговата програма.

Но очигледно не слуша ниту еден збор од тоа што ќе го кажам.

Нема зборови што можат да опишат колку сум против диетите. Ги поминав последните 2 години трансформирајќи го мојот ум, и како резултат, моето тело има најдобри резултати. Веројатно затоа што сега го слушам. Храната што ја јадам го негува моето тело и движењето ме прави силна и среќна. Не сум слаба, но сум добро.

Плус, сум во деветти месец.

Дали сакам да изгубам тежина?

Да. Сакам веднаш. Но, не ми треба „велнес-тренер“ за тоа.

Како и да е, по единаесет учтиви „Не, благодарам“, повеќе не можев. Му кажав дека конечно имам здраво тело и сум среќна и дека нема да му бидам клиентка. Никогаш. Објаснив дека менталното здравје е важно и хиперфокусирањето на мојата големина и губењето на тежината е одличен начин да ми го уништи менталното здравје.

Потоа го избришав. Навистина не е во ред начинот на кој некои луѓе избираат да го искористат нивното работно место за да ги натераат луѓето, особено ранливите мајки, да се чувствуваат мизерно.

Ако дебела личност или штотуку породена мајка сака да ја користи програмата, знае каде да ве најде. Дебелите луѓе и новите мајки не постојат за да го продолжат вашиот бизнис.

Автор: Кети Клоуд

Извор



912

X