Сѐ започна кога бев мала. Во градинка имавме часови по балет и јас со нетрпение чекав да дојде наредниот час. Еднаш ѝ побарав на мајка ми да одиме на балетска претстава и таа ми ја исполни желбата. Со задоволство ја гледав претставата. Тогаш сфатив дека сакам да станам балерина – вели 13-годишното талентирано девојче од Скопје

За седмоодделенката Христина Петровска од Скопје, балетот е голема љубов. Кога имала седум години, мајка ѝ ја однела на првата балетска претстава и оттогаш почнала магијата. Таа денес учи во Oсновното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, каде што во тајните на балетската уметност ја води професорката Соња Здравкова-Џепароска.

– Сѐ започна кога бев мала. Во градинка имавме часови по балет и јас со нетрпение чекав да дојде наредниот час. Еднаш ѝ побарав на мајка ми да одиме на балетска претстава и таа ми ја исполни желбата. Со задоволство ја гледав претставата. Тогаш сфатив дека сакам да станам балерина – ни сподели Христина.

Ја прашавме што најмногу ја радува во играњето балет.
– Најмногу ме исполнува кога танцувам на сцена, движењето во ритамот на музиката, раскажувањето приказна преку танцот, едноставно целата таа магија што се случува во тој момент.

Балетот бара дисциплинираност и голема посветеност. Христина секој ден оди на часовите по балет, кои траат по еден и пол час, а пред настапи или натпревари заедно со своите другарчиња од балетското училиште вежба и во сабота. Поддршката на овие деца им значи најмногу.

– Најголема поддршка добивам од моето семејство, професорката Соња Здравкова-Џепароска и од децата од балетот – вели Христина.

Нејзин омилен балет е „Жизел“ и сонува да ја игра насловната улога на ова ремек-дело.

Христина во прво одделение, а со тоа и првите балетски чекори во „Луј“ ги почна кај наставничката Адријана Иваноска. Таа веднаш ја префрли во второ одделение, па Христина продолжи со балет кај неа сè до почетокот на петто. Тогаш наставничката Андријана предложи Христина да ја префрли кај професорката Соња Здравкова-Џепароска.

Мајка ѝ Валентина Петрова вели дека Христина живее за балетот.
– Христина е многу одговорно дете. Обожава да оди на часовите по балет. Никогаш не одбила да оди на проба, ептен во денови кога има по два теста на училиште и има многу за учење. Ја интересираат и природните науки и често оди на натпревари, иако ние ѝ велиме дека не мора да го прави тоа – вели мајка ѝ Валентина.

Таа додава дека многу ѝ се допаѓа пристапот на едуцирање во балетското училиште, каде што децата се учат да работат во група, да не се издвојуваат премногу поединци додека се мали и да не се создава ривалство меѓу нив.

Многу домашни и меѓународни награди освоила Христина заедно со своите другарчиња од балетското училиште. Освоила награда и на Меѓународна детска ликовна изложба. Има освоено и втора награда на државниот натпревар по природни науки за основно образование. Христина учи во ОУ „Григор Прличев“ во населбата Железара.

Христина признава дека пред настапите има малку трема, ама таа исчезнува кога ќе излезе на сцена.

Освен балетот, сака да слуша музика, да гледа филмови, да се дружи, да се шета.

– Со другарчињата се дружам повеќе во викендите, тогаш наоѓам слободно време – вели талентираната Христина.
Според физичките предиспозиции што ги поседува, Христина Петрова е редок талент, вели нејзината професорка Соња Здравкова-Џепароска.

– Морам да нагласам дека таа е најмалиот ученик во класата, но според ангажманот, посветеноста и трудољубивоста, не само што не отстапува туку и секогаш е активна и подготвена да одговори на поставената задача. Колегијална, насмеана, отворена, таа е вистински пример на ученик со кој не само што е лесно да се работи туку е и вистинско уживање и задоволство. Како долгогодишен балетски педагог од чија класа излегле играчи кои се истакнати солисти на националната куќа, но и на театрите во САД и во Европа, прогнозирам дека пред Петрова претстои блескава иднина – вели професорката Здравкова-Џепароска.

Уште на 13 години Христина знае што сака да биде кога ќе порасне. Балерина – дефинитивно! Деца.мк ѝ посакува да си го оствари сонот!



912

X