Моите истражувања во врска со тоа зошто децата во Холандија се толку среќни почнуваат во мојот дом во Дорн, малечко холандско село со популација од 10.000 жители. Лоцирано е во централна Холандија, а најмногу живеат млади семејства, пензионери, љубители на природата и лица што бараат мирен начин на живот.

Кога се омажив за холандски претприемач и го родив синот, почнав со откривање на холандскиот начин на воспитување. Моите родители поставија стандарди за академска извонредност на многу високо ниво, па секој неуспех беше срам. Јас сум сега Американка што веќе 10 години се приспособува на нова средина. Пристапот на Холанѓаните ми изгледаше малку мрзлив. Што се случуваше со нив?

Холандските родители се меѓу најсреќните во светот

Кога веќе една година бев мајка, наидов на тврдење од Уницеф дека децата во Холандија се најсреќни деца во светот. Голем број светски реномирани организации им ја доделува оваа титула на децата. Па како тамошните родители воспитуваат најсреќни деца во светот? Открив шест тајни во начинот на нивното воспитување:

1. Бебињата многу спијат

Според студија од 2013 година спроведена од страна на Европскиот журнал за развојна психологија, децата во Холандија имаат порегулиран распоред на спиење од другите деца, како и активности со помал интензитет. Американските родители, за споредба, се познати по тоа што ги изложуваат децата на низа нови искуства. Холандските родители, пак, се фокусираат на дневните активности во домот, обрнувајќи повеќе внимание на регуларност и одмор. Истражувањата покажале дека луѓето во Холандија, воопшто, спијат повеќе отколку кои било  други луѓе во светот, во просек 8 часа и 12 минути секоја вечер.

2. Децата поминуваат повеќе време со двајцата родители

Во 1996 година владата во Холандија им обезбеди еднакви права на работниците со скратено работно време како и оние со полно. И тоа е една од причините поради кои луѓето се среќни во Холандија. Речиси половина од возрасната популација во земјата работи со скратено работно време, 26,8 отсто од мажите работаат помалку од максимумот од 36 часа неделно, а 75 отсто од жените работаат со скратено работно време, во сите области. Тоа им овозможува да им посветат повеќе време на своите деца.

3. Децата чувствуваат помал притисок за извонредност во училиште

Како родители, проблем секогаш ни е и изборот на училиште. Но, во Холандија образованието се гледа како пат за добросостојба на детето и неговиот личен развој. Постојат два вида квалификации за високо образование: степени на образование поврзани со истражување и степени на образование поврзани со професија. Не ви се потребни одредени оценки за да добиете прием во повеќето програми, единствено треба да се положат тестовите во училиште. Се заклучува дека училиштата во Холандија инвестираат повеќе енергија во мотивација отколку во постигнувања.

4. Децата се охрабруваат да го изразат своето мислење

Сите во семејството, дури и најмладите, имаат право на мислење и учествуваат во донесувањето одлуки. Ваквиот начин на воспитување може да биде исцрпувачки и да го тестира трпението на родителот. Но, дозволувајќи му на вашето дете да разговара, го учите и самото да си поставува граници. Се работи за вештина која многу ќе му користи на детето кога ќе биде постаро. Се разбира дека има правила и кај Холанѓаните, но се уважува и мислењето на децата.

5. Децата јадат чоколадни трошки за појадок

На многу места оваа рутина би предизвикала негодување. Но, има подлабоко значење – седењето заедно на маса како семејство е рутина која го дефинира семејниот живот во Холандија. Семејствата не почнуваат со јадење додека секој член, вклучувајќи ги и децата, не е на маса. Тоа е знак на почит. Секое лице е вредно.

Според извештајот на УНИЦЕФ, 85 отсто од испитаните деца во Холандија на возраст помеѓу 11 и 15 години изјавиле дека појадуваат заедно со своето семејство секој ден. Тоа не само што доведува до подобри резултати на училиште, туку се покажало дека влијае врз поврзувањето со членовите од семејството, како и во развојот на личниот идентитет кај децата.

6. Децата се охрабруваат да возат велосипед

Во Холандија не се возат многу автомобили. Најчесто превозно средство е велосипедот. Во Холандија и често врне и има силни ветрови. Иако тие услови не се баш погодни за велосипедисти, жителите на Холандија се облекуваат соодветно и продолжуваат со возење велосипед. Тоа помага во обликување на карактерот на детето, во смисла на зајакнување и мотивирање. На тој начин децата учат да не се предаваат и покрај тешкотиите.

Значењето на успехот во Холандија

Како и другите родители во светот, и во Холандија родителите имаат високи амбиции поврзани со своите деца. Додека нашите родителски стилови се разликуваат, гледаме на среќата како на успех, наспроти мислењето дека успехот е среќа. Среќата се смета како бегство од личната свесност, мотивација, независност – и тоа е она што веруваме дека води токму до успехот.

Автор: Рина Мае Акоста, писател и основач на блог за родителство



912

X