Бебињата се тешки, разбирливо. Двегодишните и тригодишните деца се тешки, разбирливо. Но, знаете ли кој е приказна за себе? Петгодишниците! Петгодишниците се ретко главна тема на расправи, но моја цел е да се промени таа реалност. Добрата подготовка е половина работа. Ова се пет работи што родителите треба да ги знаат за петгодишните деца:
Изрази
Не користете ги доколку не сте заинтересирани за прекрасниот дијалог што следува. На пример, навидум безопасната реченица: „Би убила некого за таа шанса“, ќе добие одекнувачки говор на темата „убивањето е лошо“, а сигурна сум дека ќе продолжи и понатаму, на јавни места, во градинка и слично. Веќе можам да замислам – „Мојата мајка сакаше да убие некого овој викенд, но…“
Прашања
Очекувајте многу прашања. Кој прави филмови? Како растат очните јаболка? Каде одат кучињата кога умираат? Може ли рибите да забременат? Што им се случува на овците ако избувне торнадо? – вакви и уште многу слични прашања може да очекувате рано наутро. Ако одговорите на овие прашања со леснотија, ви се поклонувам!
Разговор за телото
Во нашата куќа, а веројатно и во вашата – тоалетот стана место каде што во 95 отсто од времето секогаш има место за уште еден човек. Со децата приватноста престана да постои и животот продолжува дури и кога ги завршувате „тоалетните“ работи. Таквите ситуации водат кон разговори кои не сум подготвена да ги споделам јавно, разговори кои не сум подготвена да ги споделам ниту приватно. Бидете однапред предупредени!
Гордост поради знаење
Ако научат нешто ново, може да се обложите дека тоа ќе сакаат да го споделат. Особено ако тоа ново знаење вклучува нешто необично или провокативно. Прилично сум сигурна дека мојата ќерка на сите во градинка им ја раскажала приказната за менструацијата. Мојата единствена надеж е дека таа приказна ја раскажала барем колку-толку точно, односно дека не го додала својот вообичаен печат на имагинација во прераскажувањето.

Брутална искреност
Ако додадете неколку килограми, очекувајте нешто како: „Мамо, повторно си трудна?“ или ќе се подготвувате за работа, па ќе чуете нешто како: „Тоа ќе го облечеш за на работа?“, или ако сте среќница како мене, ќе поминете 30 минути виткајќи ја косата за на излез од дома да ви речат, по толку мака и потрошено време: „Зошто косата ти е толку неуредна?“
Автор: Линдзи Паркинсон