Разбудете ги најубавите чувства што ги имате и сетете се на сè што имате во животот, било тоа да се луѓето, ситуациите или материјалните работи. Едно „благодарам“ ќе направи многу за вашиот живот

Важноста на благодарноста е препознаена уште во античките времиња кога на неа се гледало како на доблест, вели Ива Максимовиќ, професор по психологија.

– Дека античките луѓе биле во право кога благодарноста ја прогласиле за врвна доблест потврдува и невронауката. Резултатите од невронаучните истражувања потврдиле дека кога сакаме да се чувствуваме добро, најважното прашање што  треба да си го поставиме е: На што денес можам да бидам благодарен? – кажува психологот.

Кога си го поставуваме ова прашање, го охрабруваме мозокот да почне да бара позитивни искуства.
– Со барањето на овие позитивни искуства доаѓа до лачење на хормонот на среќата, поради кој ќе се чувствуваме добро без разлика на резултатите од пребарувањето. Ако пребарувањето заврши со чувството на благодарност, во нашиот мозок се лачи уште еден хормон кој ни ги зголемува расположението и нивото на енергија. Лачењето на овие два хормона создава низа бенефиции за нашата психа, но и за нашето здравје – вели Максимовиќ.

Таа објаснува дека кога сме среќни, добро расположени и со доволно енергија, се појавува и чувството на самодоверба и така полесно ќе се справиме со животните предизвици.
– Ако си го поставувате ова магично прашање пред спиење, автоматски ќе ја намалите грижата, која е еден од главните виновници што не можеме да заспиеме. Ќе добиете доза од хормонот на среќата, кој ќе ви го олесни спиењето.
Во последно време благодарноста стана фокус на истражување во психологијата каде што се анализираат нејзините психолошки ефекти врз нас и врз односите што ги создаваме со другите луѓе. Меѓутоа, благодарност не чувствуваме само кон други луѓе, туку и за животните околности,односно во зависност од верувањето, спрема Бог, универзумот или настани што се случиле во наша корист – вели психологот. За разлика од стравот, кој спаѓа во основните емоции, благодарноста е сложена емоција, а тоа значи дека е мешавина од две или повеќе емоции (на пр., среќа и олеснување).

– Кога на човек ќе му укажете дека сте ја забележале неговата добра намера со едно едноставно благодарам, и себеси и тој човек го исполнувате со хормонот среќа и така градите заемна доверба – истакнува Максимовиќ.

Исто така, таа додаде дека со искажувањето благодарност вие и другиот човек уште повеќе уживате во вашиот однос, и така околу него создавате магичен круг кој ве штити од конфликти и недоразбирања, заклучува психологот.

Дневник за благодарност

Пред спиење запишете за што сте биле благодарни тој ден бидејќи така двојно ќе се исполните со благодарност (мислите и пишаниот збор), а добро ќе ви дојде во оние денови кога ќе ви се чини дека немате за што да бидете благодарни.
Во денешниот свет најмногу внимание посветуваме на она што ни недостига и така остануваме заробени со „немам и не можам“. Затоа е важно повеќе пати во денот да земете воздух и на момент да се сетите на сè што имате, да размислувате со „јас имам многу“, вели Максимовиќ.

Да се поправи и најлошиот ден

Сетете се дека со самиот процес на размислување за тоа на што сте благодарни се зголемува лачењето на хормонот за среќа, дури и кога доживувате еден од оние денови што сакате да ги заборавите.

Секој ден е можност

Откако ќе се освестите и ќе ги доживеете сите благослови од зборот благодарам, нека секој нов ден ви биде и нова можност за себе, а и за другите да ги преплавите со благодарност.

Важно е да се заблагодарите

Гласно, јасно и едноставно кажете му на друг човек за што сте му благодарни и поради што, советува Максимовиќ.



912

X