Дали некогаш сте помислиле дека детето кое гледа во мобилниот уред или таблет изгледа како да е дрогирано или хипнотизирано? Всушност, постои студија кој го поддржува тоа мислење, а спроведена е од Светскиот конгрес на анестезиолози. Истражувачите им дале на една група деца седатив (мидазолам) пред операција, додека другата група на деца добила „ајпад“ да игра 20 минути. И двете групи деца потоа примиле анестезија. Истражувачите откриле дека играњето игри на „ајпад“ ја намалува анксиозноста ефикасно како и седативниот лек.
Се разбира, нема докази дека „ајпадите“ ги предизвикуваат истите физиолошки промени како седативите. Но, сè поголем број докази посочуваат дека претераната употреба на „ајпад“ и други мобилни уреди може да предизвика сериозни психолошки, емоционални и дури физички проблеми за здравјето на детето.
Таблетите и другите електронски медиуми го забавуваат емоционалниот развој на детето
Истражувачите го вртат вниманието кон ризиците што се предизвикани од попуштањето на родителите: давање мобилен телефон на детето за да го смират и замолчат, на пример, ако детето се расплакало. Според детските психолози, тоа може да ги спречи децата да учат како да ги контролираат своите чувства и тоа може да ги научи да бидат зависни од надворешни извори на задоволство кога се вознемирени. „Одамна е докажано дека премногу гледање телевизија го забавува развојот на детето кога се во прашање јазикот и социјалните вештини“, вели истражувач на развојно однесување, педијатарот Џени Радески од Универзитетот на Бостон.
„Мобилните медиуми, на сличен начин како и телевизорите, придонесуваат детето да поминува малку време во интеракција со другите луѓе, што го прави асоцијално. Ако овие уреди станат начин на кој родителите секојдневно ги смируваат децата, како тие ќе ги развијат своите внатрешни механизми за саморегулација?“
Во извештајот објавен во 2015 година Радески и колегите истакнале дека истражувањата покажуваат оти таблетите и мобилните телефони немаат никаква образовна корист за децата. За постарите деца, таквите медиуми може да овозможат образовна корист ако се користат под надзор на постари лица. Во други контексти, овие медиуми штетат и немаат никаква корист за развојот на детето. Особено е опасна употребата на дигиталните медиуми и мобилни телефони со цел свртување на вниманието на децата, за да се реши проблемот со негативните емоции, вклучувајќи ја и досадата.
„Прекумерната употреба на уреди во текот на детството може да го попречи развојот на емпатија, социјални способности и способности за решавање проблеми, кои инаку се развиваат со истражување, играње и интеракција со пријателите“, вели Радески.

Студиите, исто така, покажуваат дека прекумерната употреба на мобилни телефони може да го попречи развојот на моториката и координацијата око-рака. Па, кога децата ќе тргнат на училиште, не се во состојба да извршуваат едноставни задачи, како што се редење коцки, што може подоцна да влијае и врз нивната способност да научат да пишуваат. Отежнатиот психо-социјален развој поради прекумерно користење електронски медиуми, исто така, може да придонесе кон зголемена зачестеност на хиперактивно нарушување, предупредува Су Палмер, автор на книгата „Токсично детство“. Дијагностицирањето на хиперактивното нарушување за возврат може да доведе до тоа децата да бидат дрогирани со вистински фармацевтски лекови, што сигурно ќе го наруши здравјето на детето и ќе предизвика различни емоционални нарушувања.
Ограничете го времето што вашето дете го поминува со таблетот, телевизорот и компјутерот
Што може да стори загрижениот родител? За среќа, истражувањата покажуваат ефикасност со едноставното поставување ограничување на времето кое детето го поминува пред екранот. Експертите препорачуваат забрана за екрани во спалната соба, дури и ако тоа подразбира исклучување на безжичниот интернет во текот на ноќта, така што децата не можат да ги користат мобилните уреди по одење в кревет.
Стив Џобс, основачот и сопственик на најголемата компанија за мобилни и таблети (Епл) рекол дека им не дозволува на своите деца да користат „ајпад“ , ниту мобилни телефони.