„Поддршка на доењето за поздрава планета“ е годинашното мото на Светската недела на доење, која традиционално се одбележува од 1 до 7 август

Мајките да ги дојат своите бебиња и доколку имаат Ковид-19 зашто придобивките го надминуваат ризикот од зараза, посочуваат од Комитетот за доење, а препораките се во согласност со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, соопшти Министерството за здравство.

„Поддршка на доењето за поздрава планета“ е годинашното мото на Светската недела на доење, која традиционално се одбележува од 1 до 7 август. Неделата годинава се одбележува под посебни околности, во знак на глобалната пандемија на Ковид-19 и според препораките на СЗО. Организацијата препорачува мајките кај кои постои сомневање или е потврден Ковид-19 да бидат охрабрени како и сите други мајки да почнат или да продолжат со доење.

Досегашните научни истражувања покажуваат дека новиот коронавирус не се пренесува преку мајчиното млеко. За време на доењето и контактот со бебето треба да применуваат респираторна хигиена, доколку е можно да носат маска; потребно е да ги мијат своите раце пред и по допирање на бебето со сапун и вода или дезинфициенс на база на алкохол. Миењето на рацете треба да биде најмалку 20-30 секунди, согласно препораките и техниките за правилно миење на рацете, како и редовно чистење и дезинфицирање на површините што ги имаат допрено.

– Доењето е еден од најважните начини за унапредување и чување на здравјето. Тоа е најдобриот начин на исхрана на доенчињата, ја поставува основата за добро здравје, не само во периодот на детството, туку и кога ќе пораснат, а носи и голем број придобивки за мајките и за општеството во целост. Доењето треба да е ексклузивно во првите шест месеци од животот, да трае до две години и подолго, паралелно со воведувањето други видови храна по шестиот месец – велат од СЗО.

Ова се почести прашања поврзани со доењето и пренесувањето на инфекциите и препораките на лекарите:

Дали може да се пренесе вирусот од мајката на бебето?

– Постојат студии кои се контроверзни, тие што пронашле вертикална трансмисија на вирусот се со мал процент од 7 до 10 проценти, а бебињата се без симптоми или со лесна клиничка слика.

Дали мајките што се суспектни или имаат Ковид-19 можат безбедно да ги дојат своите бебиња?

– Да. Треба и пожелно е да ги дојат своите бебиња бидејќи ако се престане со доењето, ќе се намали и количеството мајчино млеко, а со тоа и заштитните фактори што ги содржи. Мајчиното млеко содржи антимикробни фактори: секреторен ИгА, ИгМ, ИгГ, олигосахариди, лизозими, леукоцити и таканаречени цитокини и антиинфламаторни фактори.

Дали во мајчиното млеко кај мајка позитивна на Ковид-19 може да го има SARs-CoV вирусот?

– Реализирани се повеќе студии во различни региони од светот и во ниту една од нив не е докажано присуство на вирусот во мајчиното млеко. Тоа значи дека единствен начин на кој мајката може да му го пренесе вирусот на своето дете е преку респираторните патишта. Поради тоа, неопходно е одржување на личната хигиена и задолжителна употреба на заштитни маски при доењето. Кога мајката е со потешка клиничка слика и треба да биде хоспитализирана, пожелно е ако постојат услови да се искористи нејзиното измолзено млеко со помош на медицински сестри. А во случај да е со исклучително тешка клиничка слика, може да се користи измолзено млеко од мајка-донор. Според СЗО и УНИЦЕФ, Ковид-19 суспектна или позитивна мајка во првите моменти од раѓањето треба да го стави бебето на своите гради, не само заради млекото, туку и заради таканаречениот кожа на кожа-контакт, исклучително значаен за емотивната и психолошката поддршка, како за бебето така и за мајката.



912

X