Од 27 мај до 1 јуни во Кочани ќе се одржи по 60. пат познатиот Драмски аматерски фестивал – ДАФ. Фестивалот се фокусира на македонските аматерски театарски групи, но во последните години стана препознатлив и надвор од границите на земјава, па бројот на пријавите за учество на фестивалот растe. Приоритетот на домашната продукција останува, но ќе има и гостувања од САД, Србија, Грција, Бугарија… А бидејќи фестивалот годинава одбележува голем јубилеј, покрај театарската програма, предвидени се и настапи на акробатски музичари, физички театар, предавања, концертни настапи, изложби и промоции на книги.

Во официјална конкуренција се 16 селектирани театарски претстави од Македонија и од странство.

Изборот го прави селектор кој има мандат од две години. Оваа година по втор пат селекцијата ја направи актерката Јасмина Билаловиќ. Од големиот број пристигнати пријави, што годинава ја надминаа бројката од 40 претстави, таа направи избор од 16 претстави, кои ќе бидат изведени во рамките на шест фестивалски дена.

На првиот фестивалски ден публиката ќе може да види две професионални претстави (надвор од конкуренција), кои имаат цел да го поткренат ендорфинот на кочанчани: „Човекот“, пантомима на Трајче Ѓеоргиев, актер од МНТ, и хит-претставата „Вардарски пастуви“ во режија на Синиша Евтимов, а во продукција на „Театар Комедија“. Во следните фестивалски денови на програмата се претстави кои ќе се борат за награди, меѓу кои: „Театар Чекори“ од Скопје со претставата „Ние“, АТ „Колектив ветерница“ од Скопје со „Робоград“, гимназијата „Св. Климент Охридски“ од Охрид со „Странци“, аматерскиот театар „Репетициона 04“ од Штип со „Недоразбирање“, театар „Дунек“ од Гостивар со „Бенг бенг и мртов си“ и уште многу други…

Предвидени се и гостувања од странство. Од Република Србија гостува Аматерско позориште „Хранислав Драгутиновиќ“ – Прокупље, а на затворањето гостува ДАХ театар од Белград со дипломирани студенти од белградската академија, под менторство на Мирјана Карановиќ (го играат ММЕ од Дејан Дуковски). Истиот ден на последниот ден од фестивалот гостува Македонскиот културен центар во Софија и монодрамата „Страстите на Илија“ со Игор Дамјанов.

Покрај драмската програма ќе има настапи и на акробатски музичари, физички театар, предавања, концертни настапи, изложби, промоции на книги… За публиката во Кочани предвидени се: гостување на акробатски музичари од Грција и од Америка, во гимназијата во Кочани предавање под наслов „Момчето кое живееше во зоолошка градина: изложувањето на различните како спектакл“ ќе одржи проф. д-р Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија, ПМФ – УКИМ. Ќе има изложба на избор од сценографиите на Крсте Џидров – Џиби и промоција на поезијата на македонски јазик на Џелаледин Мевљана Руми од Тихомир Јанчовски, во придружба на вокалите Добрила Грашеска и Зоран Тортевски. Промоција на книгата „Радио“ од Љупчо Јолевски, промоција на винил на групата Ана О. Гробот на еден робот, промоција на изданијата „Светот на Биби“… А како дел од настаните околу фестивалот ќе гостува и диџеј Александар Јорданов. Со оваа придружна програма фестивалот добива не само меѓународен карактер, туку и калеидоскопски или подобро речено мултимедијален карактер.

Последната вечер ќе бидат доделени наградите. Тричлена комисија на фестивалот доделува награда за главна машка и женска улога, споредна машка и женска улога, Награда за уметничка иновација и истражување во аматерскиот драмски израз, награда за најдобра режија и за најдобра претстава „Васил Ќортошев“.

Целосната програма е на ОВОЈ ЛИНК



912

X