УНИЦЕФ, Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје и „Светот на Биби“ почнаа партнерство за подобрување на социјалниот и емотивниот развој преку игра

Преку игри, со анимирани кратки филмови, односно преку осумте анимирани епизоди се среќаваме со различни емоции на Биби и Боби кои се справуваат со тагата, бесот, лутината, возбудата и среќата. Во весела атмосфера синоќа во хотелот „Мериот“ во Скопје беше презентирана новата иницијатива на УНИЦЕФ, Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје и „Светот на Биби“, на која покрај гостите учествуваа и децата. На онлајн-работилницата родителите можеа да комуницираат со експерти и да добијат практични совети за активности со кои ќе им се помогне на децата да научат како да ги препознаат и да се справат со емоциите.

Новата иницијатива на УНИЦЕФ и „Светот на Биби“, финансирана од Амбасадата на Обединетото Кралство, опфаќа серија анимирани приказни, сликовници и друг материјал за поддршка на социјалното и емоционалното учење во најраните години од животот. „Светот на Биби“ подготвува и дигитална сликовница „Книга на емоции“, која ќе има отворен карактер со споделен линк и достапност за сите, а со преубави сликовници носи нова понуда за стабилен емоционален развој на децата.

„Ние, родителите, воспитувачите, но и општеството, треба да бидеме вклучени во социјалниот и емоционалниот развој на децата. Преку интегрирање на мислите, чувствата и однесувањето, може да се остварат овие важни животни задачи“, рече Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во Македонија.

„Секоја интеракција, поврзување и игра, колку и да е мала, може да го стимулира развојот на мозокот кај децата и да го унапреди нивното здравје и благосостојба“, рече Артур Ајвазов, заменик-претставникот на УНИЦЕФ.

Искуството на наставниците покажува дека играта и раскажувањето приказни им помагаат на децата да ги изразат своите чувства, подобро да се сложуваат, да покажуваат емпатија кон другите во групата, да се грижат повеќе за околината и да се чувствуваат посреќни.

„Светот на Биби“ изработи осум анимирани приказни во кои се истражуваат различни аспекти на социјалниот и емоционалниот развој кај децата, а ќе се емитуваат на Македонската национална телевизија, почнувајќи од декември 2021, како и дигитална „Книга на емоции“ на македонски и на албански јазик. Првата епизода „Дневник на убавите нешта“ премиерно беше прикажана вчера на „Јутјуб“ на македонски.

Во изминативе три години, УНИЦЕФ и Амбасадата на Обединетото Кралство работеа на воведување сеопфатна програма за социјален и емоционален развој во сите јавни предучилишни установи низ земјата. Програмата не се однесува само на благосостојбата и развојот на децата во предучилишните установи, туку и на нивните наставници.



912

X