Проектот „Светот на Биби“ ќе биде промовиран во неколку содржини на првиот Фестивал на детската литература и илустрации „Литера“, кој ќе се одржи викендов во Музејот на современата уметност во Скопје.

Марјан Алексовски, директор на компанијата „Еф-Три“ од Скопје, ќе учествува на трибината на тема „Квалитетот на детската литература од содржински аспект и од аспект на изборот на илустрации согласно возраста на децата“. Трибината ќе почне во 15:15 часот, а ќе се одржи во киносалата на Музејот на современата уметност во Скопје. На трибината ќе учествуваат: Билјана Црвенковска, авторка на приказните на „Светот на Биби“, Калина Малеска-Гегај, автор и професор, Мери Бошкова, психијатар, Ана Лазарова-Никовска, професор, Ника Гаврош, автор и Ване Костуранов, илустратор. Модератор ќе биде Ана Јовковска.

На вториот фестивалски ден на дебата наменета за илустратори ќе учествува Маја Џеповска, илустраторка на сказните од „Светот на Биби“. Темата е „Време е за хероите“, а дебатата ќе ја води Александра Јуруковска.
Освен Џеповска, ќе учествуваат и: Александра Филиповска од Издавачката куќа „ТРИ“, Ивана Смилевска од „Чунга лунга“ и Александар Кујунџиски, автор на литература за деца.

Омилените ликови од детските сликовници, дел од најдобрите илустратори и писатели за деца од Македонија и од регионот, работилници за деца, една дебата и три невообичаени изложби ќе ја сочинуваат програмата на овој фестивал. Отворањето на фестивалот е утре во 11:00 часот, а фестивалските активности ќе се одвиваат двата дена од викендот во периодот од 11:00 до 19:00 часот во Музејот на современа уметност во Скопје. Настанот е од отворен карактер и е бесплатен за сите посетители.

– Во време кога мобилните телефони и таблетите ги заменија книгите во детските раце, сметаме дека на Скопје дефинитивно му е потребен еден ваков настан. Нашата идеја не е само да се промовираат најновите изданија за деца, туку и да се поттикне дебата за значењето на литературата и илустрацијата во правилниот креативен и интелектуален развој на нашите деца. Токму затоа одлучивме да не организираме класичен саем на книга, туку фестивал кој ќе понуди шаренило од интересни и корисни содржини и за децата, но и за возрасните – велат организаторите на „Литера 2019“.

Во рамките на фестивалот ќе се одржат повеќе креативни работилници за деца, менторирани од авторите Билјана Црвенковска, Елизабета Баковска, Маја Веселиновиќ, Ана Кадоиќ и Катерина Тери Николовска. Посетителите на „Литера“ ќе може да ја најдат и новата книга на Ване Костуранов, „Девојче и мече“.

Вистинскиот бисер на фестивалот, настан кој кај многумина ќе предизвика носталгија и со кој барем за кусо ќе се вратиме во минатото, е ретроспективната изложба на македонската илустрација до 1990 година. Публиката ќе има ретка можност да погледне дел од културното наследство, односно илустрации кои ги красеа списанијата „Росица“, „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“, како и голем број учебници и лектири од периодот пред 90-тите години.
Третата изложба е на графички дела изработени од деца. Делата се работени на Графичката работилница за деца во Богданци.



912

X