Бидејќи доаѓа до промени на севкупната физиологија на женското тело за време на бременоста, не е необично што сите тие промени влијаат и врз видот, особено под дејство на хормонскиот дисбаланс.

Иако повеќето промени во телото во текот на бременоста се од физиолошка природа, тоа понекогаш може да доведе и до патолошки последици, па хормонските промени можат да предизвикаат и проблеми со видот. Во повеќето случаи тоа се привремени состојби кои подоцна ќе се вратат во нормала.

Сепак, според зборовите на д-р Мариса Вилијамс, важно е да се знае за тие промени во видот, како и да се препознаат знаците што индуцираат посериозни проблеми.
Промените на окото во текот на бременоста се категоризираат како физиолошки (нормални и привремени) и патолошки (проблематични). Патолошките промени всушност се промени во постојната патологија на окото, компликации или системски болести.

Доколку имате каква било состојба пред бременоста, како глауком, висок крвен притисок или дијабетес, важно е да поразговарате со очен лекар за тој да ги уочи промените, ако ги има.

Како влијае бременоста врз вашиот вид:

Потемнување на кожата

Најчести физиолошки промени се зголемување на пигментацијата во пределот на очите. Потемнувањето на лицето во текот на бременоста, односно „трудничка маска“, хлоазам или мелазам се развива поради зголеменото лачење на естроген, прогестерон и хормонот што ги стимулира меланоцитите.

Суви очи

Бременоста може да доведе и до делење на мрежницата, што доведува до суви очи. Дехидратацијата настанува поради наузеја и повраќање, а употребата на лекови против повраќање може уште повеќе да ја влоши состојбата. Добра вест е дека ова е привремено и ќе исчезне веднаш по породувањето. Капките што ги подмачкуваат и навлажнуваат очите се сосема безбедни за употреба во текот на бременоста и ја отстрануваат непријатноста во очите.

Обидете се и со неколку домашни трикови:
– Пробајте со топли и студени облоги;
– Зголемете ја влажноста на воздухот во куќата;
– Избегнувајте клима и фенови;
– Очите нека ви бидат чисти и редовно мијте ги со вода;
– Пијте доста течности;
– Внесувајте доволно омега 3-масни киселини;
– Не носете леќи извесно време;
– Користете очила за сонце за да се заштитите од ветар;
– Повеќето капки се безбедни за користење и можат да го намалат непријатното чувство во окото.

Промени во диоптријата

Во текот на бременоста промените во нивото на хормоните можат да ја променат јачината на вашите очила за гледање или контактните леќи. Иако нема причина за грижа, сепак, би било добро да поразговарате со очен лекар кој може, но и не мора да ви ја смени диоптријата.

Отечени капаци

Отеченоста околу очите е уште еден многу чест ефект од хормонските промени. Тие може да имаат влијание и врз страничниот вид. Основно правило е да внесувате повеќе течности и здраво да се храните, со малку натриум и кофеин. Здравите навики во исхраната ќе спречат задржување на течности во организмот и вие ќе се чувствувате подобро.

Контактни леќи

И леќите и ензимските чистачи се целосно безбедни за употреба во текот на бременоста. За да спречите иритации поради комбинацијата на суви очи и контактни леќи, почесто мијте ги со ензимски чистач. Ако ви се суви очите, а носењето леќи ви станува сѐ понепријатно, престанете да ги користите. Не грижете се, сѐ ќе се врати во нормала по породувањето.

Дали мигрената може да биде поврзана со очите?

Мигрените предизвикани од хормонски промени се многу чести. Тие предизвикуваат пулсирачка болка, обично на само една страна од главата. Обично се придружени со мачнина, повраќање, зголемена чувствителност на светлина и звук. Симптомите што предупредуваат често се јавуваат пред или во текот на главоболката. Тоа може да вклучува блесок на светлина, слепа точка или пецкање на едната страна од лицето, раката или ногата.

Лековите можат да помогнат да се спречи мигрената или да ја намалат болката. Ако сте бремени и имате мигрена, разговарајте со вашиот лекар пред да земете каков било лек за главоболка.



912

X