Како член на група за дигитален маркетинг на „Фејсбук“, неодамна прочитав прашање „како би ги таргертирале самохраните мајки“. Ова конкретно значи дека некој создавал дигитална кампања и сакал да го привлече вниманието, пред сè – на самохраните мајки. Не знам кој производ или услуга сакале да ја продадат, но се изнервирав. А потоа уште повеќе се изнервирав од првите неколку одговори.

Што е интересно за самохраните мајки, кои поими најчесто ги пребаруваат?

Прв одговор: алиментација. Втор одговор: коктели и страници за запознавање.

Малку е да се каже дека почнав да пушам од бес бидејќи ова ми изгледаше како шега. Алиментација: Да, се разбира дека алиментацијата ни е важна. Некои жени добиваат коректна сума на пари. Други – мизерни средства проследени со грди коментари од поранешниот партнер: „И така тие пари ќе ги потрошиш на нокти“. Некои не добиваат ниту денар и едвај крпат крај со крај, од плата до плата. Алиментацијата е важна, но тука не се работи за пари. Тоа е начин на кој поранешниот партнер придонесува кон одгледувањето на заедничкото дете. Точно дека детето речиси и да не го гледа, точно дека не учествува во неговото растење, образование, воопшто во грижата за него, па е должен барем да даде одреден износ за детето. И потоа станува јасно колку некои татковци го вреднуваат сопственото дете, колку се подготвени за него да дадат – време, енергија, љубов…пари. Толку за алиментацијата.

Дали жените го „гуглаат“ поимот „алиментација“?

А зошто би го правеле тоа? За да читаат туѓи, мачни приказни, како сопствените да не им се доволни? Не, благодарам. Коктели и страници за запознавање… Јас лично пијам алкохол понекогаш, во контролирани услови. Да кажеме пред спиење, со некое мезе, па некогаш ќе испијам некоја чаша вино. Од што веднаш ми се спие. И тоа е тоа. Ретко излегувам, а кога излегувам, пијам многу малку бидејќи возам, а и затоа што за животот кој го водам, морам да бидам 100 проценти трезна – секогаш.

Самохраното родителство е тешко, но и моќно. На жените им дава нова сила за која не ни знаеле дека ја имаат

Страници за запознавање? Претпоставувам дека на многу сами жени може да им бидат интересни. Ако сакате нов партнер и не знаете како и каде да го запознаете – можеби е тоа начин во современата дигитална ера. Гледам дека и социјалните мрежи се расадник на нови познанства. И тоа е во ред, ако имате енергија, време, желба. Ако сте растргнати и не знаете каде сте, ништо од тоа. Вистина е дека животот веројатно би ни бил полесен со партнер. Но, ако еднаш сме се изгореле, ако еднаш нашата приказна завршила лошо, нема да бараме. Самохраното родителство е тешко, но и моќно. На жените им дава нова сила за која не ни знаеле дека ја имаат. И што сега? Испаѓа дека самохраните мајки се етикетирани како патетични кутри жени кои пијат и сакаат нов маж… Не познавам личност што дала ваква процена, но се прашувам дали некој некогаш запознал некоја супер мајка. Изгледа дека не. Бидејќи:

Ние сме нормални женски лица. Имаме исти интереси како и другите жени што живеат во заедница. Сакаме убави работи, убави книги, убави филмови. Сакаме да се дружиме. Сакаме мода, шминка, го сакаме животот. Нè интересираат патувања, наука, светски вести, нови технологии. Следиме сè што можеме кога можеме. Само често не го постигнуваме она што го сакаме, или би сакале да го правиме. Немаме кога. Понекогаш немаме пари, понекогаш немаме со кого. Што не значи автоматски дека нашите интереси се алиментација, мажи и ништо друго. Родителството е само еден дел од нашата животна приказна, и иако самохраното родителство на извесен начин нè дефинира, етикетира, тоа не би смеело да биде така.

И кога ќе станеме мајки, не го губиме идентитетот, не стануваме некој друг. Родителството навистина е голема промена во нашите животи, без разлика дали сме со партнер или не. Но, по почетната фаза, онаа во која се трудиме да се приспособиме со бебето, посакуваме да се вратиме на себе, кој порано, кој подоцна. И тоа е нормално, тоа е во ред. Задоволна мајка е добра мајка. А за мајката да биде задоволна, треба да го негува она што ѝ одговара, дали е тоа излегување на кафе со пријателка, добра книга, нова фризура или патување. Тоа што живееме поразлично од другите мајки, што имаме некои потреби и обврски кои жените во класични родителски заедници можеби ги немаат, не би смеело да нè дефинира на таков ограничен начин.

Бидејќи жената е прво тоа, личност од женски пол, индивидуа, личност.

Им благодарам на оние што разбираат.

Извор



912

X