Воспитување

Потребата за структура во животот на децата

Поврзаноста со детето не е исто што и попустливоста. Понекогаш родителите мислат дека кога попуштаат или угодуваат, така се поврзуваат со своето дете. Да се поврземе со децата за време на дисциплинирањето не значи да им дозволиме да прават што сакаат. Всушност, тоа е сосема спротивно. Дел од нашата искрена љубов кон децата е да им го дадеме она што им е потребно, а тоа е да обезбедиме јасни и доследни граници, да создадеме предвидлива структура во нивниот живот и да поставиме реални очекувања од нив. Децата треба да разберат како функционира светот, што е дозволено, а што не. Добро дефинираните правила и граници им помагаат да успеат потоа и во односите и во други области од животот.

Кога ќе научат структура во сигурноста на својот дом, полесно ќе се снаоѓаат во надворешната средина, на училиште, на работа, во врските каде што ќе се соочат со многубројни очекувања и непожелни однесувања. Таквото искуство создава невронски врски и ред во нивниот мозок, што ќе им помогне да избегнат казни, да ја намалат потребата за агресивни и насилни реакции кон другите и да се однесуваат пофлексибилно кога работите не одат како што тие сакаат.

Кога нема граници и ограничувања, децата можат да станат лесно преплавени со тоа да им се создаде многу стрес, што ги прави поагресивни. Кога кажуваме „не“ и поставуваме граници, ние им помагаме да развијат предвидливост и сигурност во еден инаку хаотичен свет, така истовремено градиме врски во нивниот мозок што ќе им помогнат подобро да се справуваат со тешкотиите во иднина.

Со други зборови, длабока, емпатична поврзаност, комбинирана со јасни и цврсти граници, создава структура во детскиот живот. Тогаш можеме навистина да се поврземе со своето дете и да му помогнеме да нè слушне и целосно да разбере што му зборуваме, за да го насочиме, за да го воспитаме и да го поддржиме балансирано неговото ментално здравје.

Автор: мр психолог Христина Стефановска

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top