Мајка споделила строги правила за време на летниот распуст и ги поделила мислењата на другите родители. Таа објаснила дека кога нејзините деца наполниле 13 години, престанала да им одредува време за одење на спиење и им дозволила самите да изберат кога ќе одат. Таа не ги контролира кога одат во кревет во текот на учебната година, сè додека стануваат навреме за училиште и нивните оценки се на прифатливо ниво. Во деновите кога не се на училиште, таа го засилува правилото дека тие мора да бидат будни и станати до 8 часот наутро.

– Моето размислување за имање одредено време за будење наместо за одење на спиење е затоа што како возрасни никој нема да им кажува кога да одат во кревет, но ќе мора да стануваат за на работа, за на училиште, заради семејните обврски и слично. Целта е да се навикнат уште од мали самите да ги регулираат своите распореди на спиење – напишала таа.

На неодамнешна фамилијарна средба се отворила темата за терминот за одење на спиење кај децата и таа раскажува:

– Моите роднини ме нападнаа како волци затоа што сум неправедна кон моите кутри деца бидејќи ги терам да стануваат рано наутро. Бев обвинета за контролирање и претерување. Ситуацијата малку се вжешти и јас си заминав дома. Ќе потенцирам, децата беа возбудени кога наполнија 13 години бидејќи одењето во кревет беше нешто за кое не сакаа повеќе да слушнат, а најмладиот мој тинејџер има 13 години. Го правам ова со години и децата ниту еднаш не се пожалија.

Кога прашала на „Редит“ за други ставови на родителите во однос на родителските избори, некои одговориле дека нејзиното правило може да е нездраво за нејзините 3 деца, тврдејќи дека студии покажале оти на тинејџерите им е потребно повеќе сон, а и често имаат различни шеми на спиење за разлика од возрасните.

Еден корисник напишал: „Умот на тинејџерот сè уште се развива, а студиите покажуваат дека ним всушност им е потребно повеќе спиење отколку на возрасните“. Втор корисник одговорил: „Не ја следам вашата логика. Како возрасен човек јас спијам колку што сакам во деновите кога немам работа, училиште или други обврски. Ако сакате вашите деца да имаат навики за спиење како возрасни, зошто не им го дозволите истото?“

Друг возвратил: „Оваа идеја всушност е мудра. Во светот на возрасните никој не се грижи за тоа кога одите во кревет, но треба да станете наутро ако имате одредени обврски. Со оваа дисциплина тие ќе се научат да стануваат рано наутро“.

„Сè додека вашите деца се здрави и среќни, ничие мислење не е важно“, напишал друг.

Откако го прочитала сето ова, мајката вели дека зборувала со своите деца за студиите што ги прочитала и за нејзините грижи, па го поместиле времето на станување до 9 часот наутро, додавајќи дека повторно ќе можат да стануваат порано ако сакаат, но ќе нема притисок да го сторат тоа.

Автор: Лук Метјус

Извор



912

X