Игротека

Стравови што секој родител ги има кога детето тргнува на училиште

Почетокот на учебната некои го чекаат со возбудување, а други со страв. На довчерашните дечиња од градинка им почнува нов животен период во кој секој ќе се снајде на различен начин.

Освен за нив, ова е голема промена и за родителите. Некои од нив се мирни, но повеќето ги делат истите стравови: Што лошо би можело да му се случи на моето дете:

Ќе се исплаши

Училиштето е големо, ново и непознато место. Можеби нема никој познат во одделението, а можеби пред тоа детето воопшто не одело во градинка. И наставничката е нова личност во животот, а тука постојат и многу правила. За мал човек ова е прилично стресно, а особено за деца што се интровертни и не склопуваат лесно пријателства.

Немојте вашиот страв да го покажувате пред детето бидејќи децата се доста интуитивни и може да сфатат дека нешто не е во ред, а постои и можност дури и ако не чувствувале страв, сега да почнат да го чувствуваат.

Ќе му недостигам

Бевме заедно цело лето. Претходно никогаш не било во колектив. Како без мама и без рутините на кои се навикнало, се прашуваат многу родители.

Но, децата се многу поприспособливи отколку што мислиме, а друштвото ќе им годи на многу начини. Деновите ќе им бидат исполнети со забава и учење нови работи, така што, не грижете се.

Ќе се изгуби некаде

Кога веќе споменавме, по градинката, училиштето изгледа како големо страшно место полно со ученици кои трчаат. Сега тетките не ги носат децата секаде, туку мора нешто да направат и сами. Дали ќе знае да се врати до училница кога ќе оди во веце? Што ако некаде залута на одморот?

Сосема е нормално да си поставуваме вакви прашања. Некои деца се поснаодливи и посамостојни од другите. Време е и овие другите да ги развијат своите вештини. Ако сакате да бидете поспокојни, заедно со детето посетете го училиштето неколку дена пред почетокот на наставата и запознајте го со зградата.

Нема да сака ништо да јаде

Го замислувате вашето дете гладно и нервозно затоа што ја заборавило својата кутија за ужина? За жал, на ова не можете да влијаете. Децата или ќе јадат или нема да јадат. Обидете се да разговарате со него и да му објаснете зошто е важно да јаде. Спакувајте му храна што ќе ја сака.

Замолете ја наставничката за помош – да го потсети детето дека треба да ја јаде ужината.

Нема да најде пријатели

Тешко е да останете цврсти ако постојано мислите на тоа дека вашето дете нема да се вклопи и нема да стекне нови пријатели. Тоа е болна ситуација за секој родител.

Секако, може да ве утеши фактот дека во одделението со него ќе оди некое од другарчињата од градинка, но ако нема никој, ќе мора да запознае нови деца.

Разговарајте, но не правете голема работа од тоа. Објаснете му на детето дека ќе запознае нови деца што ќе сакаат да се дружат со него. Поттикнете го да најде другарчиња со слични интереси како неговите. Можете да го научите и на некои техники на создавање пријатели.

Некој ќе го малтретира

Насилството денес е многу често и доаѓа во сите форми, колку и да се работи на тој проблем. Научете ги децата како да се одбранат од насилникот, што да кажат и како да побараат помош. Најважно е дека не смеат да премолчат дека имаат проблем. Разговарајте дома отворено, кажете му некој ваш проблем за вашето дете да го сподели неговиот.

Но, немојте веднаш да бидете негативни. Денес постојат голем број инструменти против насилниците што ви се на располагање.

Наставничката нема доволно да се грижи за него

Најубаво е да се биде миленик на наставничката. Но, знаете дека во класот има уште 25 деца и се плашите дека наставничката нема да сфати колку вашето дете е посебно, чувствително, паметно и слично.

За жал, тука ништо не можете да направите, па време е да се опуштите. Потрудете се кај детето да создадете добри работни навики бидејќи тоа е еден од начините да се истакне. Бидете уверени дека работата и трудот нема да поминат незабележано, но и дека наставниците еднакво се грижат за сите деца.

Секако, ако детето има некои посебни потреби или одредени специфичности, тоа нагласете му го на наставникот, кој сигурно ќе ви излезе во пресрет.

Нема да учи со исто темпо како другите

Вашето дете во градинка беше весело, разиграно, неоптоварено и живо. Што ако сега, кога сериозни работи се во игра, потфрли? Што ако не може да ја следи наставата? Што ако не ги совладува задачите еднакво брзо како другите деца?

Сè е можно. Но, наместо да барате магично решение, издвојте време и работете со него. Можеби едноставно е премногу внесено во играта за да се сконцентрира на некои работи. Можеби не му е сè објаснето на вистинскиот начин. Разговарајте и со наставничката. Видете какви дополнителни можности се нудат.

Научете го детето да замоли дополнително да му се објасни ако нешто не му е јасно. Не постои нешто што дополнително вложениот труд нема да го поправи.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top