Охрабрувањето на момчињата да ги потиснат своите емоции и да бидат цврсти може да има штетни последици врз нивното ментално здравје подоцна во животот

Уметноста на машкоста е учење што многу момчиња го добиваат како што стареат и созреваат.

Од мала возраст тие се охрабрени да одат по овој пат и од културата и од средината. Но, машкиот родов стереотип им лепи етикета на момчињата што подоцна може да го задуши нивниот емотивен развој. Фразите: „Големите момчиња не плачат“ и „Биди маж“ им се потенцираат оштетувајќи ја нивната самопочит и омаловажувајќи ја нивната слика за себе. Велиме дека овие фрази одамна не се користат, но останати се траги од зачудувачки токсичната мажественост што негативно влијаат врз нашата младина. Момчињата не треба да плачат.

Каде е напишано на нашата кожа и коски дека плачењето, покажувањето емоции е строго женски концепт?

Авторката и наставничка Фиона Форма има магистратура по применета позитивна психологија. Таа е коавтор на програмата „Ткаење на благосостојбата“ и одржува говори за благосостојбата и издржливоста на децата. Таа вели дека постојат доминантни елементи на нашата современа култура кои и понатаму ја ценат емотивната цврстина и воздржаност кај мажите.

– Традиционално, мажите се сметаат за слаби и недоволно мажи ако се изразат преку плачење и оттука доаѓаат термините „Биди силен“ или навредите како „Мајкин син“. Иако овој поглед за мажественоста се менува, тешко е да се ослободиме од вкоренетите културни вредности што сите ги апсорбиравме. На некој начин можеби чувствуваме дека ги штитиме момчињата од осудувањето на другите и ги подготвуваме за реалниот свет со тоа што уште на млада возраст ќе им кажеме да не плачат. Отсекогаш било социјално поприфатливо за девојчињата да плачат, па затоа поголема е веројатноста да ги утешиме отколку да им кажеме да престанат – вели таа.

Момчињата прераснуваат во мажи кои се помалку отворени за своите чувства во споредба со жените. Но, тоа што не зборуваат не значи дека не чувствуваат. И покрај тоа што денес е прифатливо мажите да ги споделат своите чувства, стравот од тоа да бидат перципирани како било што освен како мажи влијае врз нашето разбирање за нивната емоционална состојба. Поради зголемени стапки на депресијата, самоубиството е водечка причина за смрт кај младите мажи. По 16-годишна возраст стапката се зголемува.

Според истражување од веб-страницата „Самаританс“, во Ирска мажите имаат четири пати поголема веројатност да си го одземат животот од жените, со најголема стапка на самоубиство кај мажите на возраст од 25 до 34 години. Истражувањата за стапките на самоубиства препознаа една причина зошто одземањето на животот често е поради културолошки причини. Од мажите се очекува да бидат силни и неемоционални. Всушност, портретирањето на мажите во медиумите честопати сугерира дека емоционално силен значи да се закопаат емоциите што изгледаат дека ве прават слаби, на пример, плачењето. Машката алфа-парадигма е деструктивна.

Сосема нормално

Според Форман, првиот чекор до здрав емоционален развој ги вклучува и момчињата и девојчињата во учењето да се прифати дека сите емоции, вклучувајќи ги и тие „негативните“ како тагата, разочарувањето, фрустрацијата, грижата и гневот, се сосема нормални и не треба да се избегнуваат, потиснуваат или да се плашиме од нив. Вториот чекор е да научиме како девојчињата и момчињата конструктивно да ги искажат своите емоции, а не деструктивно.

– Плачењето е здрав израз на чувства како тага и разочарување. Ако им кажеме на момчињата да не плачат, тие ќе почнат да го потиснуваат тоа и да ги затворат емоциите затоа што не се охрабрени да ги изразат – објаснува Форман.

– Ова може да доведе до тоа момчињата да ги исклучат овие чувства и да ја апсорбираат пораката дека не е во ред да ги имаат. Долгорочно, ова може да има негативно влијание врз нивната способност да управуваат со овие емоции и, се разбира, ќе има негативно влијание врз нивното ментално здравје и евентуално врз нивната способност да формираат блиски, отворени и чесни врски како возрасни. Исто така, ќе почнат да го усвојуваат штетниот стереотип дека треба да бидат „вистински мажи“ и треба да бидат цврсти и непопустливи, што може да биде во спротивност со нивната автентичност, која можеби е чувствителна и нежна.

Имаме тенденција да ги воспитуваме нашите синови и ќерки со различно поттикнување на нивниот емоционален развој. Мора да запомниме дека детството е клучно време за нивниот емоционален раст затоа што во тие рани години децата учат да ги разбираат и регулираат овие нови силни емоции што се обидуваат да ги сфатат.

Момчињата имаат тенденција да ги потиснат своите емоции, да бегаат од нив. Ако веруваме дека на овој начин нашите синови управуваат со своите емоции, тогаш ние го ограничуваме нивното разбирање за нивните чувства. Наша цел е да ги научиме да бидат издржливи, но како што советува Форман, постои вообичаена заблуда дека да се биде еластичен, значи да се биде цврст или непогоден од силни чувства, што е многу нездрав одговор. Треба да ги научиме децата дека состојбата на издржливост е способност да се чувствува и да се изразат нашите чувства и да имаме внатрешна сила за да се справиме со нив.

Здраво ослободување

Плачеме затоа што тоа е здраво ослободување за сите нас. Ни помага да се утешиме, ослободува хемикалии како окситоцин, ендорфин и хормони кои го ослободуваат стресот. Плачењето смирува, го подобрува расположението, ја олеснува болката и е севкупно корисно за нашата благосостојба. Плачењето, исто така, се смета дека придонесува за приврзаност, поттикнувајќи ги односите и поддршката од пријателите и семејството.

– Како наставник, честопати бев сведок на прекрасниот начин на кој децата реагираат со вистинско чувство и грижа за пријател или соученик кој е вознемирен и плаче. Пораката дека не сме сами во лошите мигови е една од најмоќните што можеме да си ја дадеме едни на други – тоа ни помага да се поврземе на подлабоко ниво.

– Кога на децата им испраќаме порака дека е во ред да се чувствуваат тажни или вознемирени и да плачат, и ги смируваме и ги утешуваме, ги потврдуваме нивните искуства и чувства. Ова е првиот чекор кон обработување на овие големи чувства, закрепнување од нив и учење како да се смират сами. Здравата емоционална саморегулација не може да се развие доколку децата не се охрабрат да ги изразат своите емоции отворено како почетна точка“.

Автор: Гералдин Волш



912

X