Зошто многу деца од претшколска возраст се плашат од инсекти и пајаци? „Се плашиме од она што не го познаваме“, вели Сабина Еспосито, биолог во Здружението „Инсекти без граници“, кое им помага на деца, но и на возрасни повеќе да научат за прекрасниот свет на инсектите. „Малите деца едноставно не знаат кои се тие малечки и брзи суштества, а возрасните често негативно реагираат на нив“. Запознавањето на неколкуте најчести видови инсекти може да помогне во совладувањето на негативниот став кон нив.

Проучување и собирање

Одете во природа и набљудувајте ги бубамарите. Обрнете внимание на инсектите што ги ловат комарците над некоја водена површина. Легнете на ќебе и со децата навечер уживајте во танцот на светулките. За подобро да го запознаете светот на инсектите, Еспосито препорачува да собирате инсекти што не летаат. Не допирајте ги летачките инсекти бидејќи може да ги повредите. На пример, некои од пеперугите ќе умрат ако се обидете да ги задржите бидејќи се создадени за движење.

Грижете се за инсектите и учете за нив

Од пластични садови, со неколку дупки на капакот, можете да направите добар инсектариум. Мрежичките се корисна алатка за малечки ентомолози. Во пластичниот сад на кој сте направиле дупки за воздух создајте живеалиште со помош на земја, лисја и камења, така што инсектите ќе си најдат засолниште. Бубамарите се добри кандидати за набљудување. Иако полжавите не се инсекти, и тие може да имаат мирен соживот со овие инсекти, а и забавно е и да се набљудуваат. Малку компир или морков им овозможува на инсектите и храна и вода, а полжавите сакаат да грицкаат салата. Откако ќе ги проучите своите инсекти, повторно вратете ги во природата бидејќи нивното место е таму. Можете да направите и живеалиште за мравки, согледувајќи ја нивната неуморна енергија за изградба и носење храна – вели Еспосито. Детето може да ги набљудува додека копаат премини, кога јадат или спијат, а може да ја пронајде и кралицата во нејзините издвоени одаи.

Ако сакате да набљудувате метаморфоза (постапка со која инсектот се менува од еден облик во друг), на интернет може да пронајдете одлични видеа за преобразба на гасеница во пеперутка и да ги гледате заедно со децата. Но, собирањето пајаци никако не се препорачува бидејќи тие се месојадци, па ќе ги изедат другите инсекти во инсектариумот. Ако сакате да ги запознаете подобро пајаците за да му го ублажите стравот на детето, по дожд одете во прошетка и побарајте мрежи кои пајаците ги прават на стеблата. Објаснете му на детето на кој начин пајаците се хранат и за што им служат мрежите.

Не кревајте паника!

Ако останете мирни во близина на инсекти – особено пчела и оса, и вашето ќе научи да го прави истото. Биологот Еспосито вели дека веќе 15 години е опкружена со пчели и оси и дека им дозволува да слетаат на неа, а не ја каснале ни еднаш. „Пчелата е само љубопитна: го проверува вашиот мирис и вкус. Ако мавтате со рацете и ја бркате пчелата, би можела да ве боцне бидејќи се чувствува загрозено“, вели Еспосито.

Родителите може да го ублажат стравот од инсекти кај децата така што ќе им објаснат колку се важни во екосистемот на Земјата. „Пчелите произведуваат мед и ги запрашуваат растенијата. Без нив и без многу други инсекти не би имале ниту овошје ниту зеленчук. Со нив ја делиме планетата. Секогаш кажувајте им на децата дека нашите домови се изградени на домовите на тие мали инсекти.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X