Фотографката Аби Фокс од Лас Вегас изработила прекрасни фотографии од Викторија Хамилтон, оптичар, со цел да ја илустрира болната борба со неплодноста.

И двете жени се бореле со неплодност. Фокс се соочила со спонтан абортус откако претходно добила две деца – тогаш ѝ бил дијагностициран синдром на полицистични јајчници, што го уништило нејзиниот сон за 4 деца.

„Имаме две фантастични деца, а јас по сето поминато се откажав од идејата да имам уште деца. Едноставно не ми беше судено – по само еден спонтан абортус сфатив дека таа болка ќе ме следи засекогаш“, вели Фокс.

Хамилтон и нејзиниот сопруг, пак, се обидувале да зачнат речиси 4 години и доживеале неколку спонтани абортуси. Откако посетиле неколку лекари и добиле различни дијагнози, таа развила тешка анксиозност и почнала да добива панични напади, а потоа одлучила да паузира од процедурите за зачнување. Ја следела работата на Фокс со години, па ѝ пристапила за да направат серија фотографии со цел да ја кренат свесноста за темата неплодност, за сите други жени што се соочуваат со тоа да знаат дека не се сами.

„Јас отворено зборував за мојата борба. Бев благословена што сретнав прекрасни жени во текот на тоа мое патување кои исто така се обидуваа да забременат. Се работи за многу осамено чувство. Дека не припаѓате. Дека не сте сфатени сериозно или сте заборавени бидејќи немате деца. Луѓето не разбираат“, изјавила Хамилтон.

Се обидела да ги едуцира луѓето на „Фејсбук“, па одлучила дека фотографирањето ќе биде многу моќен начин да објасни како се чувствува. „Кога Вики ме праша дали сакам да ја направиме оваа сесија, ги запишав сите емоции што ги имав по спонтаниот абортус. Единственото нешто што ми падна на ум за опис на тие емоции беше торнадото. Има толку многу емоции – некогаш седам на каучот во транс и го чувствувам срцето како ми се извртува – вели Фокс.

Сликата „Пеперутка“ била исто така идеја на фотографката. „Откако го изгубив бебето, почнав секаде да гледам пеперутки и почнав да ги поврзувам со бебето. Секогаш кога ќе видев пеперутка, се смеев. Чувствувам дека тоа е начин Бог да ми покаже дека сè ќе биде во ред“, додава таа.

Друг симбол во серијата е афионот – цвет со моќно значење за Хамилтон. „Тоа е годишно растение кое се појавува помеѓу мај и август. Неговото семе може да стои во земјата долго време (како моите јајце-клетки). Ако земјата е вознемирена, семињата ќе ‘ртат и афионот ќе вроди со плод. Ова се случило во Белгија и Франција по Првата светска војна. Па, афионот ги симболизира војната и борбата – од мој аспект со анксиозноста и неплодноста. Афионот исто така ги претставува животот и загубата. Инаку, и големината бебето во текот на четвртата недела е колку зрно од афион.

За време на фотосесијата Хамилтон носела црвено здолниште за да го претставува афионот. Друг симбол е виножитото, што ја претставува надежта на Хамилтон за добивање бебе, откако ќе помине бурата со неплодноста. Фотографирањето било емоционален предизвик за Фокс. „Плачев многу пати во текот на сесијата и морав да паузирам со работата бидејќи е тешко да се работи со солзи“, вели Фокс.

„Има многу срам во неплодноста, а додека не поминете низ тоа, едноставно не ја разбирате. Пред да го изгубам бебето ни јас не сфаќав. Сакав да помогнам да се отвори комуникација за таа тема. Жените не треба да се засрамени, тие се обвинуваат себеси и не зборуваат за тоа, мислат дека прават нешто погрешно. Кога зборувам со жените за овие работи, ова се чувствата што ги имаат“, вели Фокс.

Следниот пат кога ќе имате лош ден, запомнете дека ние би дале сè само да имаме лош ден со деца

Хамилтон го опишала ова искуство како „емоционално ослободување“. Таа се надева дека сите што ќе ги видат фотографиите и ќе го прочитаат значењето ќе имаат подобро разбирање на позицијата на жените што поминуваат низ таа борба.

„Прегрнете ги цврсто вашите бебиња. Следниот пат кога ќе имате лош ден, запомнете дека ние би дале сè за да имаме лош ден со деца. Исто така, запомнете колку се тешки Денот на мајката и другите такви денови за луѓето што се соочуваат со неплодност. Тешко е да бидете поканети на такви настани, но уште потешко да не бидете поканети. Поканувајте нè, но оставете нè да речеме не доколку се чувствуваме лошо. Објавувањата на бременоста се добри и кога се практикуваат преку приватна порака пред да се објават на социјалните мрежи, па тоа ни дава време да ја процесираме информацијата и да тажиме. Се разбира дека сме среќни за вас, но навистина ни е тешко што и ние го немаме тој благослов“, вели Хамилтон.

Автор: Каролин Болоња

Извор



912

X