Кога писателката Хелен Расел се преселила во Данска, била изненадена од тоа колку Данците биле посреќни и поздрави. По десет години живеење во таа земја – и таа го следи данскиот начин на воспитување.

43-годишната мајка на три деца, на возраст од шест до девет години, ги споделила фасцинантните културни разлики меѓу британската и нордиската нација во нејзиниот бестселер „Година на данско живеење“. Продолжението на таа книга, „Како да воспитате викинг“, повеќе се фокусира на родителството.

Децата во нордиските земји – Исланд, Финска, Норвешка, Шведска и Данска – имаат највисоки стапки на благосостојба на глобално ниво. Какви поуки можеме да извлечеме од нив? Еве ги советите на Хелен за тоа како да воспитувате мали викинзи.

Излезете надвор, без разлика какво е времето

Дожд или сонце, Данците ја прифаќаат природата во текот на целата година. Расел вели дека ова помага да се подигне толеранцијата на децата за непријатност.

-Кога успеваат да направат некоја тешка работа, се чувствуваат самоуверени, горди и имаат чувство дека имаат контрола над своето тело и околината. Колку повеќе се во природа децата, толку се посигурни и позадоволни – вели таа.

Јадете здраво и јадете заедно

Децата во Данска не се изложени на нездрава храна, на пример, чипс. Расел вели дека тоа не може да се купи ниту во Јитланд, каде што живее.

-Се разбира, има дански колачи и луѓето јадат многу путер. Но, акцентот е ставен на давање храна што ќе ги нахрани на децата – овес, ‘ржан леб и свежи сезонски производи – објаснила таа.

Семејните оброци се исто така свети и вкусни – пријатни и утешни.

-Данците секогаш седат на маса како семејство додека јадат. Никогаш не го имаат вклучено телевизорот и нема ултиматуми. Ако детето каже дека не е гладно, никој не му прави проблем за тоа – посочила таа.

Играта да биде приоритет

Во нордиските земји времето за игра е исклучително важно. Студиите покажуваат дека играта нè прави посреќни и поздрави и може да помогне во учењето, да го подобри решавањето на проблемите, па дури и да помогне во социјалната мобилност и намалување на нееднаквоста.

Гласно и гордо пеење

Данците сакаат да пеат. Се смета дека тоа е добро за душата.

-Данците пеат заедно во училиштата, канцелариите, за време на спортски активности и социјални настани. Ова влева чувство дека сте вклучени во нешто поголемо од себе. Исто така, докажано е дека пеењето го ослободува хормонот окситоцин, кој го намалува стресот и го зголемува чувството за заедница – истакнала Расел.

Нејзината препорака е да ги поттикне децата да пеат додека се во автомобил или додека заедно подготвуваат ручек.

Поттикнување јавно говорење

Иако данските деца не учат да читаат веднаш, тие секогаш се охрабрени да раскажуваат приказни и да ги споделат своите мислења.

-Данците веруваат дека е клучно децата да чувствуваат дека е важно она што имаат да го кажат и дека возрасните ќе слушаат. Дури и да ги охрабрувате вашите деца да нарачаат од мени или самите да платат нешто во продавница, сето тоа прави разлика. Нормализирањето на говорот прави многу за нивната самодоверба – вели Расел.

Не фалете ги претерано децата

Во Данска секоја детска пресвртница не е причина за голема прослава и секој цртеж не мора да заврши на фрижидерот.

-Во Данска и другите нордиски земји децата се еднакви и почитта се зема здраво за готово, не мора да ја заработувате. Децата не мора да го трошат животот барајќи надворешна потврда, тие знаат дека нивните родители ги сакаат и дека се вредни – заклучила авторката.

Извор



912

X