Тимот што стои зад стартапот „Направи-заработи“ има цел до крајот на годината да вработи 20 млади самохрани мајки во Белград, соседна Србија, на позицијата домашен менаџер.

– Да им ги вратиме заедно сигурноста и стабилноста на жените кои ни го враќаат слободното време. Што прави еден домашен менаџер? Домашен менаџер е специјализиран еднаш неделно да се грижи за твоите обврски дома: чистење и пеглање, средување на орманот, шопинг во продавница/пазар/аптека, плаќање сметки/земање пратки, носење на хемиско чистење, организација на други обврски – ова стои во описот на проектот кој екипата го поставила на платформата „ИндиГоуГоу“.

Сѐ почнало вака..

Екипата „Направи-заработи“ веќе три години им помага на своите сограѓани со домашните обврски.
– Со повеќе од 3.000 клиенти, 900 часа телефонски разговори и 10.000 разменети е-пораки со нив, сфативме што му е потребно на едно семејство за да се чувствува удобно во својот дом. Се разбира дека е потребна помош… но не каква било. Таа помош треба да биде достапна кога е потребна. И уште нешто. Еднаш една клиентка рече: „Еее, не е тоа моја куќна помошничка, тоа е мојата Дара! Само мојата Дара може сѐ. Станува порано, па оди на пазар, па во 8 часот наутро јас кога се подготвувам за работа таа ѕвони на врата. Уште не сум се ни освестила, таа веќе поминала низ станот со крпата, па го отвора шпајзот и почнува да вика. Си мислам: бегај на работа, Дара ќе те убие! А потоа кога ќе тргнам, ќе ме испрати со насмевка, а кога се враќам, ме чека порака на маса: „Сѐ ти е испеглано, и за тебе и за сопругот и за децата, па на здравје! Се гледаме в понеделник пак, Дарита“. Го слушаме тоа и размислуваме како да направиме уште Дари. Дара е змеј. Такви повеќе нема. А потоа решаваме да ставиме сѐ на хартија – пишува понатаму оваа весела екипа и опишува како дошло до креирање на позицијата домашен менаџер.

Што знае Дара? Дара чисти, пегла и беспрекорно ја реди облеката. Мириса на чистота. Го познава пазарот, се разбира во овошје и зеленчук и знае да купи квалитетни производи. Знае кое вино го сакаш и тоа ќе те чека во домашниот бар. Знае  што каде стои во домот и секогаш сѐ враќа на свое место.

Каква е Дара? Дара е дел од семејството. Брзо мисли, се снаоѓа во тешки ситуации. Има став, а е ведра и насмеана. Не можеш да не ја сакаш. Можеш да ѝ кажеш како сакаш нешто да биде и таа секогаш ќе се потруди да ги почитува твоите правила.

– Дара, Дара, Дара. Како да го склопиме сето ова? Па тоа едно е цел систем?! Дара е менаџер! Дара е менаџер, ама на домот. Дара е домашен менаџер! Така се родила идејата за креирање домашен менаџер. Нашата идеја е да ги собереме сите жени како Дара, да ги обучиме како на најдобар начин да помагаат со домашните обврски. Да ти купат време. Дара не сака кога ќе дојдеш дома да наидеш на празен фрижидер, ниту да се нервираш околу тоа што веќе некое време не си го однела здолништето на хемиско чистење и немаш време да закажуваш мајстор за плакари, а потребен ти е плакар. Поддржи го проектот кој го креиравме со цел до крајот на годината да вработиме 20 домашни менаџери – заклучуваат основачите.

Зошто поддршката на овој проект е општествено-одговорна?

Овој проект е шанса за младите мајки, особено самохраните, да им се даде можност за вработување на полно или половина работно време, обука и пат за кариерен напредок. Жените што се занимаваат со чистење во Србија често се соочуваат со проблемот за наоѓање работа за која ќе имаат редовна плата и можност за какво било напредување. Повеќе жени што соработуваат со платформата „Направи-заработи“ се самохрани мајки во потрага по фер услови за работа и подобра заработка. Најголем предизвик за нив е наоѓањето постојана и легална работа со флексибилно работно време, заштита на работата, како и евиденција во државниот здравствен и пензиски фонд.

Што е тоа што „Направи-заработи“ го нуди, а ти помагаш?

– Кога првпат во февруари 2019 година спроведовме анкета дали нашите соработнички сакаат вработување, нè импресионира бројот на позитивни одговори. Ги разгледувавме можностите што ги имаме и дојдовме до заклучок дека вработувањето би им донело стабилност на клиентите, како и на нашите соработнички, а со самото тоа би имале можност услугата за чистење да ја надополниме и да понудиме нешто навистина вредно за секое семејство. А тоа е креирање домашен менаџер, како една сеопфатна услуга за асистенција при извршување на домашните обврски. Она што им го нудиме на домашните менаџери е работа со флексибилно работно време, како и вработување со полно или половина работно време. Работата првично ќе им ја понудиме на нашите моментално највредни соработнички на кои би им донеле подобри услови за живот, како и можност за напредување.



912

X