Мајчинството во подоцнежните години има свои предности во однос на искуството и емоционалната поврзаност, но може да донесе и компликации и одредени здравствени ризици и за мајката и за бебето. Но денес, сѐ повеќе жени се одлучуваат за мајчинство подоцна во животот.

Многу познати личности станаа мајки во нивните четириесетти години: на 43-годишна возраст Никол Кидман доби ќерка преку сурогат-мајка. На 41 година Мараја Кери доби близнаци со ин витро оплодување. Во клубот на славни мајки постари од 40 години се и Хали Бери, која роди на 47, Кели Престон и Џенет Џексон на 50 години. Ниедна од нив нема зборувано за тоа како успеале да забременат во тие години.

Бременоста во подоцнежните години и понатаму е табу-тема

Бременоста во подоцнежните години е табу-тема за многумина, а Каролин Арнсон одлучи да го сподели своето искуство за тоа како е да се стане мајка на возраст кога вашите познајници стануваат баби. Минатата година Каролин откри дека е бремена на 53-годишна возраст, а во февруари 2021 година роди здраво девојче. Кога дознале дека е бремена, таа и нејзиниот сопруг Џеф Арнсон биле шокирани и не им се верувало, но чувствувале и голема радост од помислата дека во нивното семејство ќе има бебе.

– Постојат толку многу убави работи кога имате деца на постара возраст. Нивото на искуство е толку високо, нивото на зрелост е уште поголемо и мислам дека жените стануваат подобри и подобри со секоја деценија – вели Каролин.

Во споредба со времето кога првпат станала мајка, сега има многу поголема самодоверба, знае како да се справи со новороденче, а исто така е и финансиски сигурна.

– Поподготвени сте, имаме повеќе искуство и мислам дека за жената нема ништо подобро отколку да може да се смири и да се грижи за своето бебе – вели таа.

Аронсон вели дека на четирите постари деца им требало време да го прифатат фактот дека ќе има бебе во нивниот дом, но сега кога бебето Алија има 3 месеци, им станало попријатно и поудобно да се грижат за најмалечката сестра.

– Не сакаат да ѝ бидат мајка и татко. Во оваа фаза тие се фокусирани на сопствениот живот, што е и очекувано – вели Арнсон.

Таа вели дека со нејзиниот сопруг се вљубени во нивната ќерка.

– Нејзиното средно име е Дрим (анг. Dream – сон) затоа што таа навистина е нашиот сон – вели мајката.

Бременост без компликации

Каролин била изненадена што имала толку лесна бременост. Се здебелила помалку од пет килограми и за брзо време им се вратила на активностите во секојдневниот живот, иако ја родила ќерката со царски рез.

– Мислам дека сум посилна отколку кога ја родив мојата втора ќерка, пред 14 години. Позрела сум и носам подобри одлуки во оваа фаза од мојот живот. Знам дека сум она што го јадам. Знам дека одржувањето на здравјето, земањето витамини и одржувањето на активноста е важен дел од следните 50 години од мојот живот – вели таа.

Извор



912

X