Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето девојче има четири години и стана насилно, агресивно, нападно и плачливо со сите што ги сака откако со помалиот брат завршивме во болница „Козле“. Ова трае веќе три месеци. Дали треба да побараме помош?

ОДГОВОР: Драга мајка, децата на оваа возраст се немоќни сами да направат увид и интроспекција на она што го доживуваат и чувствуваат и затоа им е потребна помош и поддршка од возрасните.

Нејзината сепарација од вас е поврзана со вашето болничко искуство со помалиот син. Таквата сепарација сама по себе претставува стрес и развива чувство на страв, несигурност, вознемиреност. Овие доживувања и емоции ќе треба да се обработат и канализираат.

За да направите мост до нејзините емоции, можете да почнете да го работите прирачникот „Кога Летко е тажен“ каде што ќе обработите и една терапевтска приказна на сепарација родител-дете. Постепено создавајте услови да зборувате за нејзиното искуство и за тоа како се чувствувала кога мама и бато не биле дома. Одиграјте симболичка игра во која таа ќе биде мајка со дете кое ќе мора да замине на лекар, а вие бидете таа. Преку менувањето улоги дајте си поддршка дека сето тоа завршило добро со ставање акцент на сегашноста, односно дека СЕГА повторно сите сте заедно.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X