Поголемиот дел од советите за родителство се фокусирани на тоа што треба да прават мајките за своите деца. Како да ги воспитуваат, како да се поврзат со нив, како да воспостават здрави рутини. Но, научните истражувања за развојот на децата покажуваат на нешто многу основно и фундаментално: како емоционално се чувствува мајката.
Емоционалната благосостојба на мајката е најсилниот показател за тоа како децата ќе ги регулираат сопствените емоции, како ќе напредуваат на училиште и како ќе се однесуваат со другите луѓе. А еден од најсилните фактори што влијаат врз таа благосостојба е поддршката од партнерот.
Што покажуваат научните податоци?
Децата не растат само во куќи; тие растат во емоционалната атмосфера создадена од возрасните кои ги чуваат. Податоците од истражувањата откриваат четири клучни факти:
- Менталната состојба на мајката е поврзана со емоционалната клима во домот: Децата чии мајки се чувствуваат среќно и исполнето покажуваат поголема емоционална стабилност, подобри социјални вештини и повисок успех во училиштето.
- Поддршката од партнерот е поважна од парите: Мајките што се чувствуваат поддржани од својот партнер пријавуваат значително пониски стапки на постпородилна депресија и анксиозност. Во многу студии поддршката од партнерот е посилен показател за среќата на мајката дури и од приходите во семејството или помошта од поширокото семејство.
- Невидливиот (ментален) товар најмногу тежи: Истражувањата за когнитивната работа покажуваат дека мајките најчесто го носат невидливиот товар на семејниот живот, помнење распореди, предвидување на потребите и менаџирање на секојдневието. Кога овој товар се споделува, притисокот се намалува за половина.
- Емоционалната поддршка е поважна од завршените обврски: Дури и кога физичката поделба на обврските е иста, мајките кои се чувствуваат емоционално разбрани и заштитени од својот партнер имаат многу повисоко ниво на ментално здравје.
Кога мајката е поддржана, целиот систем се менува
Кога една мајка знае дека не е сама во родителството, се менува енергијата во целиот дом. Се појавува повеќе трпение, поголема смиреност и подлабока поврзаност со децата.
Најсреќните деца ретко доаѓаат од куќи каде што сè е совршено и по тефтер. Тие растат во семејства каде што владее заедништво, таму каде што мајката е среќна затоа што има партнер кој си одговорно стои до неа, без да дозволи таа да го носи целиот свет на своите рамена.