На возраст од пет до осум години кај децата се јавува чувството за срам и потребата за приватност (особено пред почнувањето во училиште), што се гледа и во надворешното однесување. Децата престануваат да ги покажуваат сопствените интимни делови од телото и се кријат кога се пресоблекуваат или бањаат, а може да почнат да бараат и родителите да тропнуваат пред да влезат во нивната соба. Помалку се присутни во игрите со доктори, а особено често се кријат од браќата и сестрите кога се голи. Сè уште се интересираат за човечкото тело, особено за репродукцијата, но покажуваат непријатност и се смеат кога ќе видат како возрасните луѓе се бакнуваат или покажуваат нежност. Истовремено, често се склони кон кажување вулгарни шеги и вицови, интересно им е кога користат различни, често вулгарни изрази за половите органи. Исто така, се случува и првата љубов, имаат симпатии, па така се држат за раце, разменуваат бакнежи во образ и си носат подароци.

Во оваа фаза се поставуваат прашања за тоа дали нашите реакции на голотијата на децата се соодветни, како и создавање нивен интимен простор и дали и кога родителот може да биде гол пред децата и дали тоа може да му наштети или да му биде од корист на детето? Некои родители веруваат дека ќе го трауматизираат детето од својата голотија, други мислат дека тоа е здраво бидејќи не треба да се срами од телото, додека трети мислат дека родителот може да биде гол единствено пред дете од ист пол.

Поставете јасни граници

Важно е да нагласите дека какво било еротско, интимно или егзибиционистичко однесување што се смета за несоодветно пред пријателите и во јавноста не треба да се практикува во семејството. Детето мора да почувствува јасни граници помеѓу неговиот и личниот простор на родителите. Мора да биде свесно за својот интимен простор за да може да се заштити од насилникот.

Но, што кога детето ќе влезе во бањата, а родителот е гол, или во спалната соба каде што родителот се пресоблекува? Тоа не е загрижувачка ситуација, околу тоа не треба да се крева врева, туку мирно да му објасните на детето што се случува.

Понатаму, се поставува прашањето што да се прави со семејствата што практикуваат нудизам. Ова е различна ситуација бидејќи овие родители се голи и пред членовите на поширокото семејство, пријателите и во јавноста, на пример, на нудистичките плажи. Сепак, важно е да им кажете на децата дека никогаш не треба да бидат присилени да бидат голи. Исто така, не е добро родителите да бидат голи пред децата ако забележат дека тие ја вртат главата на другата страна. Значи, ако родителите забележат дека на детето му е непријатно или не сака да се соблече на плажа, не треба да инсистираат. Или ако детето се затвора во бањата, родителите треба да го остават. Запомнете дека начинот на кој реагирате на сексуалното однесување на детето може да доведе до тоа детето да се чувствува добро, здраво и прифатено или, пак, засрамено и виновно. Вие сте први и најважни наставници на вашето дете.

Какво однесување да избегнете?

Постапки што не поддржуваат здрав сексуален развој, т.е. што треба да ги избегнувате:

– Не дозволувајте му на детето да ги гледа сексуалните активности на возрасните. Ако детето случајно влезе во собата кога родителите водат љубов, треба да му се објасни тоа што го видело на разбирлив начин, за да се сведат на минимум негативните последици. Присилувањето на детето да ги гледа сексуалните односи на возрасните е форма на сексуална злоупотреба.

– Не изложувајте го детето на порнографски материјал. Децата изложени на порнографија добиваат порака дека тоа што го виделе е дел од вообичаено, дозволено сексуално однесување. Склони се во играта и однесувањето да покажуваат и да го повторуваат она што го виделе, па така во односот со другите деца може да почнат сексуално да се однесуваат.

– Не допирајте го детето на непримерен начин. Кога вашето дете ќе почне да се заклучува во бањата и инсистира само да се тушира (на возраст од 5 до 8 години), почитувајте ги границите што ги поставува. Немојте да инсистирате и понатаму да го бањате или да му го бришете газето. Ако мислите дека не може или не знае да го направи тоа, само објаснете му и помогнете му што побрзо да научи.

– Не давајте му сексуални коментари на детето. Тоа ги нарушува здравите граници помеѓу родителите и децата бидејќи родителите влегуваат во просторот на сексуална интима на сопственото дете.

– Не одете голи низ домот пред децата (особено постарите деца). Какво било еротско, интимно, егзибиционистичко однесување што се смета за несоодветно пред пријателите и во јавноста не треба да се практикува пред децата.

– Наведените непосакувани активности предизвикуваат тешкотии во емотивниот развој на детето и го нарушуваат сексуалниот развој, а детето, соочено со информации несоодветни за неговата возраст, не е во состојба да научи за сексуалноста според неговиот природен ритам. Тоа може да доведе до забуна, страв или траума и да остави неизбришливи последици врз неговиот сексуален живот.

Автор: Ана Каракаш



912

X