Додека приватните училишта веднаш изреагираа на одлуката за прекин на образовно-воспитниот процес, МОН во моментов работи на дефинирање на најдоброто решение со кое учениците нема да го загубат времето, односно периодот во кој нема да посетуваат настава

Градинките и училиштата се привремено затворени, со што образовниот процес во сите нивоа на образование во државата е прекинат за да се спречи ширењето на коронавирусот. И додека дел од приватните училишта веднаш се организираа со родителите и учениците околу тоа што да учат дома сами, преку интернет, во државните училишта засега сè е сведено на добра волја на наставниците. Мал дел од нив им дадоа задачи на учениците за овој период, додека повеќето само ги распуштија. Организирано образование во вакви услови засега нема. Може ли државното македонско образование да одговори на овој предизвик? Од Министерството за образование и наука ни велат дека сè уште немаат конечна одлука како учениците да не го загубат времето, односно периодoт во кој нема да посетуваат училиште.

Во Италија учениците учат преку интернет, а во Хрватска тоа се организира преку националната телевизија.

– Министерството за образование и наука (МОН) заедно и со поддршка од други засегнати институции и партнери во областа во моментов работи на дефинирање на најдоброто решение со кое учениците нема да го загубат времето, односно периодот во кој нема да посетуваат училиште. Информираме дека се разгледуваат сите опции, искуства и мерки што веќе ги применуваат дел од земјите во регионот и пошироко (онлајн-настава, емитување едукативни содржини на националните телевизии и сл.), така што конечната одлука ќе биде соопштена во јавноста наскоро – велат од МОН.

Речиси сите приватни образовни институции најдоа начин како наставата да не се прекине целосно и преку онлајн-настава, наставни листови да се одржува образовниот процес.

Вибер-групи, е-пораки, насоки…, се користат секакви платформи за децата да го искористат времето додека се дома и со помош на родителите да не пропуштат многу од наставата.

Понекоја домашна задача, насока од наставниците има и во државните училишта, но тоа не е систем. Веднаш по одлуката, родителите се загрижија дали на децата ќе им се скрати летниот распуст заради одработување на пропуштените денови.
Во приватното училиште „Јахја Кемал“ управата донела одлука дека наставниците имаат обврска да им дадат задачи на учениците во форма на наставни листови, обврска за читање лектири, домашни работи што ќе можат да ги сработат од дома.

– Можете да дадете домашна и од учебник кој ќе го најдете на е-учебници бидејќи учебниците им се на училиште… Може да им пратите е-порака на родителите, на „Вибер“ или на Class Dojo – стои во дописот до наставниците, со нагласување дека и управата на училиштето мора да биде во тек со спроведувањето на оваа настава.

Допис до ученици во „Јахја Кемал“ во Скопје

Откако се донесе одлука за затворање на училиштата, Француското интернационално училиште им одржува настава на своите ученици на далечина. Секој наставник секојдневно подготвува програма за работа која им ја испраќа по електронски пат на своите ученици, објаснуваат од ЕФИС.
Потоа завршените задачи родителите им ги враќаат на одговорните професори со цел да се следи нивното учење. Има одлична комуникација помеѓу наставниците и родителите.

– Очигледно е дека ситуацијата е многу сложена: децата можат да се чувствуваат како да се на распуст, повеќето родители мора да работат и сето ова е многу тешко да се координира. Јас инсистирам на главната и основна улога на родителите во овие тешки времиња. Се обидуваме да внесеме новини секој ден: учителките од француската градинка раскажуваат приказни кои потоа им ги испраќаат на децата. Со помош на социјалните мрежи, преку видео, секое утро секој наставник ги поздравува своите ученици со цел да се покаже дека мисли на нив и ова всушност им помага на учениците да почнат со секојдневната обврска кон учењето. Заедно со другите француски училишта од зоната на Југоисточна Европа постојано разменуваме идеи во врска со наставата. Правиме секакви обиди, изнаоѓаме разни начини бидејќи има работи што не функционираат. Ова истовремено овозможува да се развие креативноста кај наставниот кадар. Одзема многу време и работа на педагошката екипа (голема благодарност за нивната посветеност), како и многу енергија и труд – вели Лорен Изел, директор на ЕФИС.

Според актуелната владина мерка, градинките, училиштата и факултетите нема да работат до 25 март.



912

X