Постојат спортови што можат да го забават растот на децата. Можеби веќе сте слушнале дека кревањето тегови не е препорачливо во тинејџерските денови или порано, но кои се другите спортови што можат негативно да влијаат врз растот на децата?
– Не постои опасна дисциплина за раст на младите спортисти, опасно е само преоптоварувањето – објаснува Ангелина Петрова, експерт за детски фитнес. А ова се спортови што можат, ако со нив децата интензивно се занимаваат, да го забават растот:
1. Кревање тегови
Премногу вежбање придонесува за затегнување на мускулите, но и коските, забавувајќи го растот. Преголемата напнатост предизвикува да се зголеми ризикот од повреди на тетивите, лигаментите и зглобовите.
2. Гимнастика
Погледнете ги професионалните гимнастичари – обично се ниски, силни луѓе. Во гимнастиката оптоварувањето е големо и може негативно да влијае врз зглобовите, што може да доведе до неправилен развој на мускулите, а тоа го забавува и растот на коските. Кога е во прашање ритмичната гимнастика, прекумерната флексибилност доаѓа до израз, па може да се истрошат лигаментите и со тоа да се спречи растот на коскениот систем.
3. Балет
Балетот е корисен ако детето го практикува умерено. Професионалните активности бараат часови поминати во тренинг и време за закрепнување. Исто така, потребни се ограничувања во исхраната, што го спречува нормалниот раст на коските, а многу често професионалните балерини не ја достигнуваат својата природна стапка на раст.
4. Борење
Уште една активност што вклучува постојана борба против килограмите. Оние што се занимаваат со овој спорт постојано ја следат својата тежина пред борба и тоа е во целосна спротивност со принципите на здравата исхрана. Не треба да се занемарат ниту ефектите на тестостеронот. Во текот на тренингот овој хормон се произведува во големи количини во телото и го фиксира калциумот во коските, што спречува детето да расте.
5. Атлетика
Тркачите главно консумираат нискокалорична храна за да ги исполнат строгите барања за тежината. И во совладувањето на патеките трошат многу енергија, поради што имаат намалена густина на коските. Затоа е многу важно да се следи степенот на вежбање и постојано да се размислува за енергијата. Инаку, телото почнува да троши премногу од своите резерви, што е удар за растот на коските.
Ова не би требало да ве натера да се откажете од тоа да го запишете вашето дете на кој било спорт, но сето оптоварување треба да биде умерено, бидејќи овој пристап му овозможува на детето хармонично да ги развива сите делови на телото. Ако сакате вашето дете да го оствари својот потенцијален раст, можете да го запишете на пливање и трчање.
Скоковите се, исто така, многу корисни за развој на коските. Постојат и други фактори што позитивно влијаат врз растот: строг режим со долги прошетки и соодветен сон и правилна исхрана. Посебно обрнете внимание на внесување на витаминот А – неговиот недостиг во организмот го забавува растот.
За правилен развој на детето, потребен е холистички пристап. Пред сето наведено, потребно е да се следи состојбата на кардиоваскуларниот и респираторниот систем, гастроинтестиналниот тракт, метаболизмот, како и функцијата на штитната жлезда и другите жлезди во ендокринолошкиот систем.
Автор: А. Цвјетиќ