Многу родители сакаат да придонесат за развивање на самодовербата и самопочитта кај нивните деца. Но, додека одредени однесувања можат да придонесат за таа цел, други можат да направат повеќе штета отколку корист. Психологот Џефри Бернштајн предупредил на три такви родителски однесувања кои ја уништуваат самодовербата кај децата.
Пречесто исправање на секоја грешка
-Децата се снаоѓаат подобро со позитивни повратни информации, но преголемата критика може да ги натера да се сомневаат во нивните способности. Затоа фокусирајте се на пофалување на напорот и напредокот, а не само на резултатите. Обидете се да прашате: „Што ти се допаѓа најдобро кај овој цртеж?“ или „Како овој цртеж се разликува од претходниот?“, за да им помогнете сами да го проценат својот напредок – објаснил Бернштајн.
Споредба со браќа, сестри или врсници
Споредувањето на децата може да ја наруши нивната самодоверба и самопочит, како и да создаде чувство на инфериорност.
-Секое дете има свои уникатни таленти и слабости, а постојаното споредување може да направи да се чувствува инфериорно. Наместо да споредувате, препознајте ги силните страни на вашите деца. На пример, наместо да споредувате, кажете: „Навистина ми се допаѓа твојата креативност. Твојата способност да размислуваш надвор од рамките е еден од твоите најдобри квалитети“ – забележува психологот.
Игнорирање на нивните чувства
Кога децата чувствуваат дека нивните чувства се игнорираат, тие може да престанат да ги споделуваат. Ова може да ја наруши нивната самодоверба и способноста да се справат со емоциите.
-Потврдете ги чувствата на децата пред да понудите решенија. Едноставно кажете: „Можам да видам дека тоа те вознемирува“. Штом децата се чувствуваат разбрани, можете да им помогнете да го решат проблемот, да им покажете дека нивните чувства се важни – советува Бернштајн.
Дури и најгрижливите родители можат ненамерно да ја поткопаат самодовербата на децата преку суптилни однесувања.
-Затоа, бидејќи децата го развиваат своето чувство за самопочит главно преку интеракции со нивните родители, важно е да избегнуваат пречесто коригирање, споредување и занемарување на нивните чувства – заклучува психологот.
912