Шведска е рангирана на најдоброто место за формирање семејство од вкупно 31 богата земја во новиот извештај на УНИЦЕФ, кој оцени колку се семејно насочени политиките на различни земји.

Истражувањето, врз основа на податоците од 2016 година, ги зело предвид националните политики за платено породилно отсуство за мајките и татковците, достапноста на услугите за згрижување деца до школска возраст (шест години) и стапките на доењето.

Високото рангирање на Шведска главно се должи на великодушната политика за породилно отсуство на земјата и високото ниво на упис на децата во установи за згрижување деца (51 отсто за децата под три години и 97 отсто за децата од три до шест години).

Шведска нуди 480 дена платено породилно отсуство по дете за секој пар, од кои три месеци се резервирани за секој родител. Со тоа, оваа земја нуди најдолго породилно резервирано за татковците – единствено Јапонија, Кореја и Португалија имаа повисоко породилно за татковците.

Платеното породилно и детската грижа варираа во голема мера меѓу земјите што биле анализирани, но ниту една земја не била постојано рангирана на високо место во секој фактор што се анализирал.

На прашањето зошто повеќе не ги користат центрите за згрижување деца, за граѓаните на Велика Британија најголемиот проблем биле високите цени. Во Шведска, заедно со Данска и Чешка, помалку од еден отсто од родителите велат дека достапноста на згрижувачките центри за деца е проблем.

Најдобрата земја во однос на породилното отсуство е Естонија, со 85 недели платено породилно отсуство, додека најдобра земја за породилно отсуство за татковци е Јапонија, која нуди 30,4 недели, меѓутоа, татковците ретко го користат. Единствена земја што не понуди никакви национални загарантирани породилни отсуства со цела плата се САД.

Петте најниско рангирани земји беа Швајцарија, Грција, Кипар, Велика Британија и Ирска.

Извештајот беше објавен како дел од кампањата на УНИЦЕФ – „Раните моменти се важни“, чија цел е да се промовира здрав развој на мозокот кај малите деца.

– Најраните години од животот на децата се најкритичен момент за развојот на мозокот кај децата. Потребно е владите да им помогнат на родителите и да им обезбедат поддршка за создавање добра средина за нивните деца – вели извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе.

УНИЦЕФ се залага за целосно платено отсуство од најмалку шест месеци за еден родител, зголемен пристап до установи за згрижување и безбедни и удобни места за жените што дојат, за полесно да подигнат семејство.



912

X