Македонија е на 40-тото место во светот според грижата за децата, покажуваат податоците од извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), медицинското списание „Ланцет“ и Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ).
Документот „Иднината за децата во светот“ почнува со поразително тврдење дека ниту една држава не го заштитува адекватно здравјето на децата, нивното опкружување и нивната иднина.
– Здравјето и иднината на секое дете и млад човек во светски рамки е под закана од влошување на екологијата, климатските промени и експлоатациски маркетиншки практики, кои ги поттикнуваат на консумација на брза храна, засладени напивки, алкохол и цигари, се наведува во Извештајот.
Земјите се рангирани според индекс утврден врз основа на показателите за здравјето и богатството во 180 држави, како и идните закани за благосостојбата на децата, дополнети со податоците за емисиите на штетни гасови.
Како земја која најмногу се грижи за децата е посочена Норвешка, а по неа следуваат Јужна Кореја, Холандија, Франција, Ирска, Данска, Јапонија, Белгија, Исланд, Велика Британија, Луксембург и Сингапур. Според извештајот, последнорангирана е Централноафриканската Република.
Од земјите во регионот Словенија е рангирана на 25. место, Грција на 31., Црна Гора на 34., Босна и Херцеговина на 38., Бугарија на 45., Србија на 48., Турција на 60. и Романија на 80. место.
Во извештајот се потенцира дека ниту една држава не постигнала добри резултати по параметрите за развој, одржливост и правда за децата.