Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има една година и четири месеци. Не го дојам, од почеток беше со адаптирано млеко и никако не се научи ноќе да спие. Ја заспиваме околу 11:30 навечер, но до 12 е разбудена со плачење, а нема никакви болки колку што можам да забележам. Потоа константно ја нишаме уште час-два дури да заспие за да преспие преку ноќ едвај 3-4 часа. Секое заспивање ни е со претходно нишање од по 30 минути, а некогаш и со часови. Преспива еднаш во денот од кај 15 до кај 16:30, а сабајле спие до 10:30 часот. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Во овој период од развојот потребно е веќе да имате воспоставено дневни рутини и ритуал за заспивање со вашето дете. Редовните рутини пред спиење треба да бидат како, на пример: капење, јадење, читање приказни или приспивни песни кои секогаш создаваат смирена атмосфера и го растоваруваат детето од стресот или ситуациите со кои се соочило во текот на денот. Во тој контекст ви ја препорачувам книгата „3ајчето што сака да заспие“ во издание на „Топер“, која би ја читале пред спиење. Во однос на рутините што сте ги постигнале со спиењето, можам да забележам дека детето доцна заспива и доцна се буди, со тоа е пролонгирано и задоцнето дневното спиење. Ве советувам неколку дена да почнете да ја будите порано.

Тоа би го спровеле на начин што секој ден би ја буделе по половина час порано со цел да стасате до временскиот интервал околу 8 часот наутро. Бидејќи децата лесно го менуваат својот биолошки часовник, за ова би ви била потребна една седмица. Кога утринското станување би било во 8 часот, дневното спиење би било околу 12-13 часот и ноќното околу 21 часот, што за дете на оваа возраст е најоптимално. Во делот дневни рутини не го вклучуваме само спиењето, туку и активностите што се водат преку денот. Убаво е да одлучите кои активности би ги правеле секој ден во исто време.

Предлагам играње на музика, тоа може да биде и начин на расонување. Потребна е и максимална физичка активност во текот на денот. Доколку временските услови овозможуваат, тоа би биле неколку часа во природа, парк, игралиште, каде што главна активност треба да ѝ биде трчање, скокање, играње топка, т.е. секоја игра што вклучува физичка активност. На тој начин мозокот ја користи својата енергија за да создаде повеќе синапси и овозможуваме да не се создава непотребна и акумулирана енергија која би ги попречувала спиењето. Она на што треба да обрнете внимание е во овој период од развојот да не користите никаков технолошки уред со кој таа би поминувала време во гледање и седење. Запомнете, нејзината главна активност во овој период треба да биде движење.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X