Во една пригода прочитав некаде дека родителството е работа за која е најлесно да се има мислење, а е најтешко да се извршува. Така, мојата свекрва сакаше од породилиштето да изнесеме дете во она што таа го подготвила – да не објаснувам како изгледаше тоа. Се разбира, многу бев чувствителна и никако не сакав да биде така. А потоа, кога го виде бебето, почна плукањето за да не ја урочи. Следните денови, кога бев во целосен психички хаос, таа сакаше да носи одлуки за тоа како ќе се облекува детето, како треба да спие и колку често треба да јаде… Од оваа перспектива, кога поминаа неколку години, не сум толку затворена за нејзините сугестии. Знам дека сака само да помогне. Понекогаш не е лошо да се слушне туѓото искуство бидејќи може да ви ја олесни работата. Но, ако советот има смисла и зад него стои валидно оправдување, тогаш е во ред, ако не, тогаш игнорирајте го. Еве со што се соочив јас и што прифатив, а што не.
Не ги прифатив овие совети:
Не смее да се излегува од дома 40 дена по породувањето
Овој период е неопходен за закрепнување, но не е неопходно да не се изведува бебето надвор. Напротив, по враќањето од породилиштето убаво е да се прошетувате, ние го правевме тоа, па немавме проблеми. Излегувањето најмногу ѝ помага на психата на мајката. Одморање да, но и шетање.
Бебето мора да се бања секој ден
Бебињата не се потат и не се валкаат како возрасните, немаат непријатен мирис, па не им е потребно бањање секој ден. Во ред е да го бањате бебето секој втор ден, можеби и трет ако е зима. Важно е да се одржува хигиената во пеленската регија, тоа не треба да се прескокнува. Влажни марамчиња и крем кој помага за хидратација на кожата се од големо значење.
Ако бебето има покачена температура, треба да се намалува со алкохол или компир
Повеќето баби и дедовци можеби би се согласиле со овој „рецепт“, но масирањето на бебињата со алкохол (читај ракија) не е нешто што педијатрите би го препорачале, а јас избирам да верувам во препораките на лекарите. Кога бебето е болно, постапувајте според советите од лекарот.
Бебето не треба да се зема в раце кога плаче за да не биде разгалено
Мојата свекрва велеше дека никако не треба да се зема бебето кога плаче, особено ако тогаш јадело или треба да се успие бидејќи така ќе го разгалиме. Сѐ што сум прочитала на оваа тема е сосема спротивно. Земањето на бебето кога плаче му дава сигурност и така учи дека мајката е секогаш тука за него.
Бебињата треба да спијат исклучиво на стомак
Најсигурна положба за бебето е спиење на грб. Одамна се советувало спротивното, од страв да не дојде до задушување со плунка кога лежи на грб. Истражувањата покажале дека тоа не е точно, па најбезбедно е лежење на грб без никакви други предмети во креветот.
Ако додадете житарици во млекото навечер, бебето подобро ќе спие
Советите околу исхраната најмногу ме фрапираа. Од баби и дедовци сѐ можеш да слушнеш. Советот е всушност едноставен – треба исклучиво да се дојат до 6 месеци, а потоа почнува воведувањето немлечна исхрана, освен ако педијатарот не каже друго нешто.
Има и совети што ги прифатив, а ова се некои од нив:
Читај му на бебето од првиот ден и зборувај му многу и постојано
Мојата свекрва е образована и начитана жена. Има голема љубов кон книгите, па на бебето почна да му чита штом го виде. Од друга страна, јас сум интроверт, не зборувам многу, па не планирав многу да му читам на почетокот. Но, кога прочитав дека читањето и зборувањето му помагаат на бебето во развивање на односот со мајката и неговиот интелект, тоа го правев и јас. Малку по малку и еве, детето многу убаво зборува на 3 години, има пребогат речник, сака да му се чита и да слуша приказни.
Масирај го бебето пред спиење
Прво мислев дека масажата е нешто ново за млади мајки, но излезе дека тоа е долга традиција. Свекрвата ми раскажуваше дека во Индија изнајмувале масерки за бебиња. Масажата за бебе посебно ја учев и тоа е наш прекрасен ритуал за вечерно опуштање.

Користи крем за бебето, но и за себе
Ако нешто сакам да пофалам кај мојата свекрва, тоа е нејзината кожа. Ја негува од младоста и тоа се гледа. Од почеток ми тврдеше дека кремот што го користела за децата, го користела и на себе бидејќи ѝ ја подмладува кожата. И се разбира, не верував додека не пробав.
Бебето навечер нека го бања таткото
Мојата одлука дека нема да го бањам бебето секој ден некако беше прифатена, но потоа прифатив и друга сугестија, а тоа е таткото да го бања бебето навечер. Тој доцна доаѓаше од работа, но решивме да почекаме. Тоа беше една од најдобрите одлуки. Бањањето стана одличен начин за таткото да се поврзе со бебето. Како што почна бебето да седи, тоа стана одлично дружење со прскање и смеење. А тоа значи и малку одмор за мама.
Бебето мора да има рутина
Тука мојата мајка е многу пофлексибилна од свекрвата, чие инсистирање од почеток ме нервираше. Но, со текот на времето се покажа како многу корисно и добро. Но, мојата рутина и натаму е далеку полабава од онаа што ја воведе свекрва ми, па детето кај неа подобро јаде и преспива. Ние имаме наши мали ритуали од кои не отстапуваме, како што се утринска прошетка, ужина надвор со цеден сок, бањање со тато, масажа пред спиење, одење во парк секој ден, читање книга и слично. Секако, не треба да се претерува во воведувањето строги рутини кај малите бебиња, но како што растат, тие ќе ја воспостават својата рутина и ќе имаат одреден распоред. Ние можеме да им помогнеме така што денот ќе го приспособиме на нивните потреби, на пример, ќе се погрижиме да постојат услови за спиење во време кога бебето обично спие. Со текот на времето ќе одговориме на неговиот природен распоред на јадење и спиење креирајќи рутина која одговара на бебето и на целото семејство.
Во секој случај, не треба секогаш да се отфрлаат советите, туку треба да се биде разумен и да се прифати само она што се вклопува во динамиката и правилата на вашето семејство и она што не ја загрозува безбедноста на бебето.
Автор: Мама Јелена