Ако надвор е ниска температурата, не значи дека треба да се остане дома. Дневното излегување на свеж воздух е важно за градење и зајакнување на имунолошкиот систем на бебето. Сепак, треба да бидете внимателни, особено кога станува збор за бебињата.

Децата под двегодишна возраст се склони кон хипотермија и нивното тело полесно ја губи топлината, така што кога излегувате на прошетка, треба да ги облечете во повеќеслојна памучна облека и да ги покриете бидејќи тие се во легната позиција и им е постудено.

Во зима најдобро е да се шета бебето напладне

– Откако ќе наполни еден месец, бебето и во зима може да оди надвор, но ако е во прашање предвреме родено бебе, прошетката подобро да ја одложите кога надвор се ниски температурите. На бебето треба повремено да му ги допрете рацете за да се уверите дека не му е премногу ладно. Во зима најдобро е да се шета на пладне, а да не се излегува кога има магла, мраз или силен ветар. Не треба да се шета и навечер – објаснува д-р Џована Армано, педијатар од Хрватска.

Исто така, додава дека под дневната прошетка во никој случај не се подразбира престој во трговскиот центар.

Во текот на првите зимски прошетки за бебето е доволно половина час да е надвор, а како што расте, прошетките треба да се зголемуваат. Поголемите деца од две-три години можат да останат и подолго од еден час ако се физички активни.

Често кога го шетате бебето во зима му тече носот, но тоа е нормална реакција на ладниот воздух. Тогаш е потребно да му го бришете делот кај устата за влажната кожа да не се оштети. Од истата причина подобро е бебето да нема цуцла во устата, бидејќи под неа се собира плунка.

Најчеста грешка е несоодветното облекување на детето

– Најниската температура на која можете да се шетате надвор зависи од возраста на бебето и од временските услови. Скандинавците излегуваат и на -15, но ние не сме навикнати на тоа. Не препорачувам најмалите да излегуваат кога е под нулата – вели д-р Армано.
Една од најчести грешки што ги прават родителите е несоодветното облекување на децата – им облекуваат дебели алишта наместо потенки.

Бебињата мора да носат капа на главата кога се надвор, бидејќи 25 проценти од телесната топлина се губи преку главата, но тоа не значи дека во затворено треба да бидат премногу облечени.
Може да резултира со оштетување на терморегулаторниот систем и детето подоцна да биде подложно на настинки.
– Лесно можете да препознаете ако на бебето му е ладно. Ќе плаче, рацете ќе му бидат ладни, а може и да се тресе. Ако родителот ги забележи овие знаци, треба да го однесе детето дома, да го згрее и да му даде топла напивка. Ако бебето долго време е изложено на студ, може да настине, да биде нервозно и да стане чувствително на вируси и бактерии“, вели д-р Армано.



912

X