Лажење. Вашето дете го прави, а го прави и моето. Понекогаш е лесно да откриете дека лаже, понекогаш не. Во секој случај, ниту еден родител не е имун.
Јасно им имам кажано на моите деца за разликата помеѓу белата лага и вистинската лага. Ако баба Телма ја замоли нејзината внука Миа да ѝ каже што мисли за нејзината најнова облека, Миа не треба да ѝ каже на баба си дека кошулата ја прави дебела. Ниту, пак, треба да ја потсети својата баба дека старите луѓе не треба да носат тесна облека.
На моите деца им објаснувам дека постојат добри лаги и лоши лаги. Децата кажуваат лоши лаги кога направиле нешто погрешно и не сакаат да имаат проблеми. Добрите лаги имаат цел да не ги повредат чувствата на другите луѓе. Тие, исто така, ги држат луѓето подалеку од опасност. Ако Били има љубопитен пиромански пријател кој сака да си игра со кибрит, можеби е време за добра лага. Би било добро ако Били му рече на пријателот: „Да се игра со кибрит е опасно; никогаш не прави го тоа“. Но, за жал, не сите деца се толку силни. Затоа, најдобро би било Били да му каже: „Немаме кибрит. Наместо тоа, ајде да се возиме со велосипед“. Некои од нас се толку добри во кажување бели лаги, што ја изгубиле можноста да знаат дали всушност ја зборуваат вистината.
Јас велам: „Тие чевли се прекрасни“, а мислам: „Изгледаат како брод“.
Велам: „Едвај чекам да се видиме повторно“, а мислам: „Ако треба повторно да се видиме, прво ќе се напијам неколку чаши вино“.
Иако е важно да ги научите децата за двата различни типа на лажење, „доброто лажење“ не е нешто што малите деца ќе мораат да го прават често.

Видот на лаги со кои најчесто се справувате се: „Не, не го изедов колачето“ (а гледате дека детето е цело прекриено со трошки од колачето), или пак: „Не, не ги зедов очилата за сонце на другарчето“ (а вие ги наоѓате очилата за сонце во торбичката на вашето дете). Вашите деца ќе учествуваат во умерени до тешки лаги до крајот на животот. Потребен ви е план. Потребни ви се логички последици. Вашето дете треба да учествува во казната што ќе му помогне да ја запомни вистината.
1. Откријте ја скриената „вистина“
Скриените вистини немаат крај. На пример, ако оставите краставица многу долго во фрижидерот, ќе се распадне и ќе се претвори во бела, кремаста течност. Вашето дете може да ја открие оваа вистина со чистење на фрижидерот.
Секакви скриени вистини можат да се најдат на сите видови одвратни места: веце-школките, кантите за ѓубре, валканите садови, подот, па дури и зад перниците од каучот. Оставете го вашето дете да ги открие скриените вистини со чистење. Кога вашето дете ќе заврши, прашајте го: „Кои скриени вистини ги откри?“
2. Останете искрени со помош на пишувањето
Кога бев дете, мајка ми ме натера да напишам стопати: „Нема да ги лажам мајка ми и татко ми“. Апсолутно ја мразев таа последица, но морам да кажам, тоа ме натера да размислам двапати пред повторно да излажам. Секако, повторно лажев, но ми помогна да се сетам кога не треба да лажам.
3. Вистински гест на добрина
Ова е шанса вашето дете да научи дека вистинскиот чин на добрина ќе ѝ помогне на заедницата или на некој што има потреба. Нека вашето постаро дете го коси тревникот на неговиот дедо. Однесете го во локален дом за стари лица. Нека вашето помало дете направи картички за деца што престојуваат во болница. Заедно испратете ги картичките. Бидете креативни во зависност од возраста на детето.
Како родител, во ред е да бидете нападни. Познавањето на деталите за тоа што прави вашето дете ќе ви помага да обезбедите заштита. Штом вашето дете ќе заврши една од горенаведените задачи, треба да направите примирје. Време е да му простите и да продолжите понатаму. Ако повторно се појави лага, ќе му биде потребен друг „лек“.
Клучот е да почнете рано. Тактиките за родителите не функционираат ни приближно добро ако почнете да ги користите кога вашето дете е тинејџер. Исто така, ако и самите лажете, тогаш не очекувајте вашето дете да биде поразлично од вас.
Автор: Хедер Стигер
Извор