Вашето дете веќе не е мало бебе, но сепак се буди во текот на ноќта? Прочитајте ги советиве што ќе му помогнат на вашето дете побрзо да заспие и повеќе да не се буди во текот на ноќта.

Не е изненадување што 48 отсто од децата под три години сè уште се будат ноќе, а со овој проблем доаѓа и хроничниот недостиг на сон, а следниот ден – уморно дете и уморни родители.

Ако сте меѓу овие родители, прочитајте неколку совети како да му помогнете на вашето дете да спие повеќе.

1. Рано легнување

Дали знаевте дека вашето дете е во најдлабок сон помеѓу 20 часот и полноќ? Ова значи дека ако вашето дете отиде во кревет по 20 часот, тоа веројатно нема да има доволно сон, па затоа веројатно ќе се разбуди во текот на ноќта. Ако имате проблем со будењето, обидете се да го легнете порано: во 19 часот или 19:30.

2. Не брзајте

Некои деца ја учат уметноста на самогрижата. Ако веднаш побрзате штом го слушнете детето како негодува, тоа ќе се навикне дека има потреба родителот да го утеши, да го прегрне или да го заниша за да се врати на спиење. Ова се вика „асоцијација на спиење“. Обидете се да почекате неколку минути пред да влезете во собата на детето. На тој начин му давате можност само да се смири и повторно да заспие. Ако негодувањето се претвори во плачење – тогаш е време да влезете во собата.

3. Понудете „ограничена помош“

Ако детето не може само да се смести, помогнете му. Детето ќе бара да го кренете, гушнете или нишате секојпат кога ќе се разбуди ако е навикнато на тоа за повторно да заспие. Обидете се да го одвикнете од тоа на начин со кој ќе му нудите „ограничена помош“. На пример, погалете го детето така што ќе знае дека сте тука за него и кога ќе се смири, но е уште будно, излезете од соба. Тогаш, ако и понатаму плаче по вас, почекајте малку пред да се вратите во собата. Нежниот пристап на тренинг за самозаспивање ќе му помогне на детето да научи дека не сте му се потребни за да презаспие.

4. Правете исклучок кога станува збор за болест и растење на запчиња

Секако, постојат моменти кога вашето дете плаче во текот на ноќта затоа што не му е добро или го боли поради тоа што му растат забите. Ова е период кога сте му најпотребни. Пред да претпоставите дека на вашето дете му е потребен „тренинг за самозаспивање“, проверете дали е болно или му никнува заб. Кога малите деца се болни или нешто ги боли, најпотребна им е вашата утеха.

5. Дајте му на детето некоја „утешна“ играчка

Децата може да гушкаат кадифена играчка или ваша стара маица што мириса на вас во текот на ноќта. Децата ќе научат да ги користат овие предмети како утеха и сами да презаспијат без да ве викаат на помош.

6. Доследна рутина за спиење

Едноставна и доследна рутина за спиење е смирувачка за нашите најмлади. Тоа може да вклучува топла бања, а потоа приказна и/или песна за добра ноќ. Ако ги повторувате истите работи секоја вечер, ќе го подготвувате вашето дете навреме за спиење. Кога детето ќе почне да ја прифаќа рутината, односно кога само ќе си легне и ќе заспие, тогаш будењата во текот на ноќта ќе бидат поретки.

7. Продолжете со попладневната дремка

Можеби мислите дека на вашето дете му е потребен помалку сон ако се буди во текот на ноќта бидејќи може не е уморно, но факт е дека му е потребен повеќе сон. Децата на возраст од 2, 3 и 4 години во просек треба да спијат од 10 до 14 часа, а тука е вклучена и дневната дремка. Ако вашето дете има навика да го прескокнува попладневниот сон, можеби страда од прекумерен замор што може да го отежне спиењето навечер.

8.  Обидете се да забележите дали има некоја промена

Ако вашето дете досега спиело цела ноќ и наеднаш почнува да се буди во текот на ноќта како новороденче, размислете дали нешто се променило во неговиот свет. Ново братче/сестриче, одење во градинка, одвикнување од пелени или нешто друго – сите овие работи може да доведат до регресија. Ако идентификувате промена во животот на вашето дете што прави да се чувствува вознемирено, тогаш обидете се да работите на решение заедно со детето.

9. Бидете нежни, но цврсти

Ако влезете во собата на детето во текот на будењето навечер, бидете нежни, но цврсти. Бидете смирени и тивки за да ја потенцирате идејата дека сега е време за спиење.

10. Повремено спротивставете се на идејата за заедничко успивање

Не постои ништо поубаво кога детето ќе ви заспие во рацете, но ако знаете дека вашето дете не може поинаку да заспие, тогаш треба да ги промените прегратките и галењето како нешто што го правите пред одењето в кревет, а не како нешто што го правите пред да заспиете. Запомнете, на тој начин не му ја скратувате љубовта, туку му помагате на детето да научи дека може да заспие без вас. Исто така, треба да се повтори дека добрата рутина за спиење му помага на детето да научи кога е време за спиење.

11. Помогнете му на детето да го „процесира“ денот

Понекогаш малите деца се будат навечер бидејќи не можат да ги процесира работите – многу работи им се вртат низ глава, децата се вртат и не можат да спијат. Корисна и добра работа што можете да ја додадете во рутината за спиење е прераскажување на денот со вашето дете додека го подготвувате за в кревет. Тоа ќе му помогне на детето да го процесира својот ден и да ги разбере искуствата што тој ден ги доживеало.

12. Земете ги предвид кошмарите

Ако вашето дете се буди во текот на ноќта врескајќи или силно мавтајќи со рацете, можеби воопшто не е будно, туку има кошмари. Најдобар начин да се справите со кошмарите е да го оставите да му помине. Ако го разбудите детето, тоа ќе биде уште повознемирено, позбунето и ќе се мачи повторно да заспие.

13. Оставете го детето да ја „потроши“ енергијата во текот на денот

Децата треба физички да се активни во текот на денот и да го користат своето тело додека играат. Ако вашето дете го поминало денот седејќи во количка или во затворен простор во кој не се движело, поголема е веројатноста да се буди во текот на ноќта.

14. Не давајте му млеко на детето во текот на ноќта

Ако вашето дете во текот на ноќта има навика да пие млеко од шише или да бара да го надоите, веројатно тоа ќе го поврзува со спиењето. На тој начин детето мисли дека му треба млеко за повторно да заспие. Обидете се да го одвикнете од ноќното хранење и дајте му шанса само да заспие.

15. Посетете лекар

Ако ниедна од овие работи не функционира, разговарајте со лекар. Лекарот ќе провери дали постојат и други причини поради кои вашето дете се буди во текот на ноќта. Но, во повеќето случаи, проблемот ќе се реши сам со текот на времето.

Извор



912

X