Новите татковци не добиваат многу совети за родителството во споредба со мајките, но една нова книга можеби ќе го промени тоа.

„Важно е татковците да апсорбираат некои основни информации (од самиот почеток)“, вели Тод Детвилер, илустратор од Мичиген и автор на книгата „Како да бидете татко“. Се работи за хумористичен прирачник за бременоста и негата на бебињата: Има совети за масажа, чистење на шишенцата за хранење на бебињата, објавување на веста за бременоста, идентификување лажни знаци на породување, па дури и породување во случај на вонредна состојба.

-Менталното здравје е многу важно, затоа што никој не им кажува на татковците што подразбира периодот по породувањето, или нешто за хормоналната нерамнотежа – работи што ги засегаат (новите) мајки во голема мера“, вели тој.

Детвилер е татко на синот Теди (3) и ќерката Вада (2), па со неговата сопруга Али, преку книгата, даваат увид во започнувањето на процесот татковство и преживувањето на истиот.

Бидете трпеливи кон себе

Детвилер илустрирал серија типични машки изрази на лицето кога дознаваат за бременоста на нивната партнерка. И покрај тоа што не се зборува, нечија реакција за претстојното татковство е „момент што зборува за вашиот карактер“, напишал тој.

„Може да има вознемиреност, возбуда или паника“, вели Детвилер. „Ментално, во тие моменти применувате многу саморефлексија. Препознајте дали има работи што сакате да ги подобрите и работете кон тие цели. Дозволете моментот да ви оди во корист и да ве направи подобра личност“.

Подгответе се за фактот дека бебињата ќе ги променат вашите односи

Новите родители обично се соочуваат со тешко, но минливо нарушување на нивната врска. „Бебињата ќе ги интензивираат позитивните и негативните страни на врската“, вели Детвилер. „Треба да се подготвите и да разберете дека по доаѓањето на бебето, вашата врска е суштински променета“.

Внимавајте на она што ќе ве зближи како двојка. „Кога работите беа стресни или кога јас и мојата сопруга не се гледавме очи в очи, се сеќавав на породилната сала кога се раѓаа моите деца“, вели тој. „Никогаш не сум бил погорд на мојата сопруга отколку во тие моменти – таа беше апсолутна рок-ѕвезда“.

Татковците, исто така, може да очекуваат дека и пријателствата ќе им се сменат, бидејќи семејниот живот ги надминува општествените настани – некои нови татковци може да изгубат интерес за теми на разговор што не се однесуваат на непосредниот живот. Според Детвилер, пријателството може да се надополни со труд и трпение.

Заштитете го вашиот нов семеен круг

Новото бебе е одлична причина да се соберете со пријателите и семејството – или да создадете нови семејни рутини. Ако ги поканувате саканите да се сретнат со вашиот нов член на семејството, запомнете ги вашите граници со кои го одржувате мирот.

Ако членовите на семејството даваат совет за тоа како да го смирите, храните или држите вашето бебе, не отстапувајте од вашите принципи за да им угодите, вели тој. „Кога бебето плаче, секој има совет, но вашите желби треба да се почитуваат“, вели Детвилер.

Не губете се себеси во новото татковство

„По раѓањето на детето, некои луѓе се чувствуваат како да губат дел од својот идентитет, но важно е да го задржат“, вели Детвилер.

Грижата за себе генерално е на последно место на листата со приоритети на родителите, но и мајките и татковците треба периодично да се поврзуваат со себеси преку хоби, спорт или што било друго што предизвикува радост. „Да речеме дека сакавте да играте тенис пред да дојде вашето бебе, но сега имате помалку време“, вели Детвилер. „Треба да го изградите тоа време. Не дозволувајте нешто што го сакате, да ви помине пред очи“.

И ако имате среќа, вашите деца можеби ќе сакаат да ви се придружат кога ќе пораснат.

Автор: Елис Соле

Извор



912

X