Мајките секогаш ги ставаат на прво место потребите на своето дете, додека нивните сопствени желби и потреби ги оставаат настрана. Сосема е вообичаено мајката да го храни своето дете, да го пресоблекува, да го бања, да си игра со него, а во сето тоа таа не успева ни да јаде.

Исхраната е многу важна за здравјето, а важна е и за време на доењето, бидејќи на мајката ѝ е потребна енергија за производство на млеко. Секако, тоа не значи дека оние мајки што не ги дојат своите бебиња треба да јадат што било и кога ќе стигнат, но сите знаеме дека тоа е најчесто така бидејќи немаат време повеќе да се фокусираат на сопствената исхрана. Сепак, некои трикови можат да ви помогнат да се храните малку поздраво – како што открива нутриционистот Кира Рајан.

Протеини за појадок

Во појадокот вклучете протеини, да речеме од јајца, па тоа ќе ви помогне нивото на шеќер во крвта да ви биде постабилно во текот на денот и ќе имате помалку падови на енергијата и помала желба да јадете нешто „нездраво“. Затоа, заборавете на житариците полни со шеќер или некои намази за леб, бидејќи по таков појадок цел ден ќе копнеете по шеќер.

Јајцата, јогуртот и јаткастите плодови се одлична храна за појадок.

Кога треба да одите некаде наутро или едноставно немате време да подготвите нешто, јадете јогурт со малку бобинки и семки. Доколку имате малку повеќе време, препорака на нутриционистот е интегрален тост со авокадо и две варени јајца.

Подготовката секогаш помага

Ако имате добра, здрава храна во вашата кујна, ќе направите подобар избор кога ќе огладнете и ќе ви треба нешто за јадење. На пример, кога сакате нешто да грицкате, добар избор се колачињата од овесна каша со путер од јаткасти плодови, бобинки, хумус, семки.

Подгответе големи количини храна

Со подготовка на поголеми количини храна ќе заштедите многу време. На пример, кога подготвувате вечера, подгответе ја два дена однапред, кога готвите ручек, направете повеќе и замрзнете дел од ручекот, така што секогаш ќе имате при рака нешто здраво за одмрзнување и јадење.

Совет на Кира за подобра исхрана е следниот: „Една од моите омилени закуски е путер од бадеми и овесен колач од темно чоколадо, превкусно е! Секогаш имајте при рака, во автомобил или на маса, кесичка со јаткасти плодови или некое овошје. Јаткастите плодови содржат протеини и некои здрави масти, така што тие нема да ви го зголемат шеќерот во крвта, како што тоа го прави храна со преработени јаглехидрати“.

Внимавајте што купувате

Кира вели дека најдоброто нешто што можете да го направите за вашето здравје е да почнете внимателно да ги читате етикетите на производите што ги купувате. Таа посочува дека состојките се наведени – од оние што се најзастапени до оние што ги има најмалку, односно производот содржи најмногу од состојката што е наведена прва и најмалку од онаа што е наведена последна.

„Општо земено, колку помалку состојки, толку подобро, па ако шеќерот е во првите три или четири наведени состојки, јас тој производ не го купувам“, заклучува таа.

Извор



912

X