Воспитување

Совети за дисциплинирање дете на возраст меѓу 2 и 4 години

Како што веруваат многу експерти, дисциплината е поставување правила за превентива, за однесувањето на вашето дете да не стане агресивно (удирање и гризење), опасно (трчање на улица) и непристојно (фрлање храна и слично).

Со помош на овие седум начини ќе успеете да поставите граници и да го прекинете лошото однесување.

1. Одредете што е навистина важно

Ако секогаш велите не, вашето дете ќе се навикне на „не“ и нема да ги разбере вашите приоритети.

Одредете што е важно за вас, утврдете ги границите и соодветните последици. Потоа, попуштете на малите работи што можеби ве нервираат, но спаѓаат во помалку важна категорија, односно навики што вашето дете со текот на времето ќе ги исфрли, на пример, носење виолетово и само виолетово.

2. Откријте што предизвикува лоша реакција кај детето

Некои работи можат да се спречат ако знаете што да очекувате, а потоа да направите план и да ги елиминирате потенцијалните искушенија.

Ако вашето дете прави хаос во супермаркетот, понесете играчки што знаете дека ќе ги сака.

Ако вашето дете не сака да ги дели играчките со другите деца, тргнете ги на друго место пред другите деца да дојдат на гости.

Најголеми родителски грешки што ја рушат самодовербата на децата

Ако вашето дете сака да црта по ѕидови, тргнете ги боиците и дозволете му да ги користи само под надзор.

Исто така, децата обично лошо се однесуваат кога се гладни, уморни или изоставени од некои ситуации. Погрижете се вашето дете да јаде здрави и хранливи намирници, да има добар режим на спиење (најмалку 10 часа сон плус 1-2 часа преку ден) и да игра надвор за да го потроши вишокот енергија.

3. Бидете доследни

Децата на возраст помеѓу 2 и 3 години се обидуваат да научат како нивното однесување влијае врз луѓето околу нив. Ако вашата реакција на одредена ситуација се менува секој ден – еден ден му дозволувате да удира со топката низ домот, а другиот не, ќе ги збуните со вашето однесување.

Не постои одреден број пати кога мора да се случи некој инцидент и последица за вашето дете да ја научи лекцијата и да го промени своето однесување. Но, доколку секогаш реагирате на ист начин, тоа ќе ја научи лекцијата по четвртиот или петтиот пат.

Некои деца уште во втората година учат дека можат да се извлечат од неволја само затоа што се слатки, па затоа не дозволувајте тоа да го користи како ваша слабост.

4. Не дозволувајте да ве обземат емоции

Веруваме дека е тешко да се остане смирен кога двегодишното дете го влече кучето за опашка или десетта вечер по ред одбива да си ги измие заби. Но, ако вие почнете да викате, сè што сте сакале да му кажете губи смисла затоа што нема да слушне ни збор, туку ќе ги види вашите емоции.

Земете длабок здив, избројте до 10, спуштете се така што вашите очи ќе бидат на исто ниво со очите на вашето дете и бидете брзи, јасни и сериозни кога му давате до знаење дека згрешило.

5. Бидете јасни и гласни

Ако сте исти како и повеќето мајки, кога детето ќе направи беља, во состојба сте да се расправате со него додека имате сила. Зборувате што направило погрешно, му давате детално објаснување зошто е тоа лошо и кои привилегии му се укинати поради таквото однесување.

Оваа состојба не ви носи корист, пред сè, затоа што децата на возраст од 1,5 до 2 години немаат способност веднаш да разберат и да сфатат што зборувате, ниту да ја сфатат суштината на толку долги реченици. Бидете јасни, користете кратки реченици.

6. Испратете ги на „пауза“

Ако вашата приказна, казните и губењето на привилегиите немаат резултат и детето не го променило своето однесување, размислете да го испратите на „пауза“, секако усогласена со возраста.

Наместо да го казните – 8 позитивни стратегии

Пред да го испратите во ќош, направете сериозна фаца и подигнете го тонот. Ако не послуша, најдете мирен дел од куќата и наместете тајмер. Кога ќе истече времето, речете му на детето да се извини за неговото однесување и како награда прегрнете го за да сфати дека не сте лути.

7. Останете позитивни

Без оглед на тоа колку сте вознемирени или повредени од однесувањето на вашето дете, не разговарајте со други луѓе за тоа. Ако децата ги слушнат родителите како зборуваат негативно за нив, ќе ја изгубат почитта и ќе продолжат да ги повторуваат истите постапки.

Исто така, сосема е во ред да се вознемирите, а ако дојде до тоа, побарајте помош, најдобро од вашиот сопружник, но и од најблискиот пријател или педијатар.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top